Истакнатиот руски новинар Александар Невзоров денес беше осуден во отсуство на осум години затвор од московскиот суд под обвинение за ширење „лажни вести“ за руската армија, објави сајтот Еуроактив.
Судот (у)тврди дека Невзоров (64) бил „мотивиран од политичка омраза“ кога ги обвини руските вооружени сили во објавите на социјалните мрежи минатиот март за намерно гранатирање на породилиште во украинскиот град Мариупол, тврдење кое Москва го смета за лажно.
Во соопштението на судот се вели дека тој ќе биде испратен во казнена колонија доколку некогаш се врати во Русија и дека му е забрането четири години да управува со интернет содржини.
Невзоров, кој води канал на Јутјуб со близу 2 милиони претплатници, ја нарече истрагата смешна и минатиот март ја напушти Русија со сопругата. Обвинителите побараа казна од девет години.
Невзоров одговори на пресудата велејќи: „Мислам дека Русија нема да постои за девет години“.
Во коментарите за еден руски медиум, „Можеме да објасниме“, тој рече дека не планира да се врати во земјата и дека претседателот Владимир Путин води „диктатура заснована на нечистотија, крв и осудувања“.
Невзоров, кој се прослави како домаќин на пионерската информативна програма „600 секунди“ додека советското општество се отвори под Михаил Горбачов, а исто така беше и пратеник во рускиот парламент, доби украинско државјанство откако јавно ја осуди руската инвазија, нарекувајќи ја војната „злосторство“, а Украина нејзина жртва.
Случајот против него беше покренат според законот усвоен осум дена по инвазијата со кој се предвидени затворски казни до 15 години за намерно ширење лажни информации за војската.
Русија оттогаш го блокираше пристапот до информативните сајтови кои објавуваат содржини во спротивност со официјалната линија за конфликтот, додека десетици руски и меѓународни медиуми ја напуштија земјата.
Извор: Еуроактив