Во моментов ние немаме ни основна инфраструктура за собирање отпад. Имаме јавни претпријатија кои го собираат и одлагаат отпадот во нестандардни депонии. Сега ќе се прави предселекција на отпадот или во рамките на општините, доколку им се силни комуналните претпријатија или во претоварните станици, изјави министеркат за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова во „Топ тема“ на Телма.
Таа додаде дека нема да може секое јавно претпријатие да го носи отпадот до одредената регионалан депонија, туку ќе постојат претоварни станици, каде ќе се прави селекција на отпадот, она што ќе биде за рециклирање и преработка, и она што ќе се депонира.
Ќе се обидеме да го намалиме количеството на отпад што ќе го депонираме во централните депонии. Сега се обидуваме да ја поставиме основната инфраструктура, а за механичко-биолошки третман, кој чини многу ќе се разговара во втората фаза. Користењето на отпад за енергија е се уште табу тема во земјава. Имаше неколку иницијативи за третман на отпад преку согорување, но граѓаните имаат недоверба бидејќи мислат дека ќе се увезува отпад од надвор и ќе се гори во Македонија. Тоа не е точно, бидејќи законот, кој е усогласен со ЕУ, забранува увоз на отпад за производство на енергија, истакна Шукова.
Според неа, целта на проектот сега е да се воспостави основната инфраструктура и да се научат граѓаните и сите институции сериозни да пристапуваат кон постапувањето со отпадот.