Фондот за иновации и технолошки развој, преку своите финансиски инструменти, кофинансира 1.080 проекти, со заеднички инвестиции од околу 112 милиони евра. Од нив, над 50 отсто се старт-ап компании, основани главно од млади луѓе, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Тој додаде дека минатата година била трета по ред во која компаниите кои реализирале инвестиции, финансиската поддршка ја добија во целост, што е исклучително важно при планирање на расположливи средства во услови на криза.
Лани имавме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, почнувајќи од 2017 година, кога и почнавме со оваа програма, истакна Ковачевски.
Премиерот додаде дека со цел олеснување на административните процедури од 2020 година креиран е и „one stop shop“ за инвестиции.
Сето ова го правиме со цел да помогнеме на домашните и странските инвеститори, да придонесеме за поголема конкурентност и ликвидност на компаниите, а преку тоа и во развојот на домашната економија. И тоа во услови на економска и енергетска криза, со цел, полесно да се справиме со предизвиците и да не дозволиме нарушувања и големи пореметувања во домашната економија, рече Ковачевски.