Индискиот милијардер се уште не го вратил долгот кон регулаторното тело. Во петокот регулаторот пуштил и соопштение за јавноста во кое ги повикува на претпазливост потенцијалните инвеститори и соработниците на Сахара Груп.
“Сите оние кои ќе соработуваат и оние кои ќе прават некакви трансакции со Сахара Груп тоа го прават на своја лична одговорност. Одлуката на СЕБИ за замрзнување на сметките и имотот на Сахара Груп и наведените лица е се уште на сила бидејќи групацијата не ги има подмирено долговите кон регулаторот, односно инвеститорите.
На банките им е наредено сите пари од сметките на овие лица и фирми да се префрлаат на посебната сметка на СЕБИ”, се вели во соопштението за јавноста на регулаторното индиско тело.
Реакцијата на регулаторот доаѓа откако индискиот милијардер во медиумите кои ги поседува пуштил соопштение на насловните страници во кое тврди дека тој повеќе нема никакви долгови и обврски кон СЕБИ и дека, напротив, тие него му должат пари оти вратил и повеќе одошто требало.
Минатата недела вицепремиерот Зоран Ставревски изјави дека Субрата Рој ги известил дека инвестициите во Македонија ќе продолжат откако милијарадерот пуштил соопштение и до Македонската информативна агенција дека тој долговите ги вратил.
Субрата Рој, односно Сахара Груп должеа три милијарди евра на измамени инвеститори во Индија, откако регулаторното тело ги тужеше, а Врховниот суд во Индија пресуди дека се виновни. Судот дозволи долгот да биде вратен на три рати.
Сахара Груп врати само една петтина од долгот, по што со судска одлука сите сметки и имот на фирмите, како и личната сопственост на Рој и уште двајца директори беа замрзнати.