Со два исклучителни концерта, вечерва, 18 октомври, во Националната опера и балет ќе биде затворено 45-то издание на Скопскиот џез-фестивал. На сцената ќе настапат американско-бразилското трио São Paulo Underground и францускиот квинтет Living Being на виртуозниот хармоникаш Венсан Пејрани. Завршната вечер носи возбудлива средба на електрониката, бразилските ритми, слободната импровизација и современиот европски џез.
По четири фестивалски дена посветени на музичката слобода, истражувањето и авторската храброст, Скопскиот џез-фестивал го заокружува своето 45-то издание со два состави чија музика ги надминува жанровските и географските граници.
São Paulo Underground: Две децении музичка авантура без граници
Вечерната програма започнува во 20 часот со настапот на São Paulo Underground, трио кое веќе две децении создава препознатлив музички универзум на пресекот меѓу бразилската традиција, електрониката и авангардниот џез.
Групата е формирана во Сао Паоло во 2005 година од американскиот корнетист и композитор Роб Мазурек и бразилскиот перкусионист Маурисио Такара. Со приклучувањето на Гиљерме Гранадо, триото развива уникатен пристап кон колективното создавање музика.
Мазурек свири на корнет, синтисајзери и електроника, Гранадо користи клавијатури и семплери, додека Такара ги комбинира тапаните, перкусиите и традиционалниот бразилски инструмент кавакињо со електронски звук.
Нивната музика е постојана игра со ритамот, текстурата и импровизацијата. Секој концерт е различно искуство, во кое композицијата и спонтаното создавање стануваат едно.
За дваесет години, São Paulo Underground настапувале на големи фестивали во Европа, Азија и двете Америки, а нивната работа опфаќа и аудиовизуелни проекти, меѓу кои и дела создадени за Jazzfest Berlin.
Венсан Пејрани: Хармониката како цел оркестар
Во 22 часот, фестивалот ќе биде затворен со концертот на Vincent Peirani Quintet – Living Being, еден од највозбудливите состави на современата француска џез-сцена.
Пејрани е музичар кој суштински го преобликува изразот на хармониката, претворајќи ја во инструмент со речиси оркестарски можности. Неговата музика комбинира џез, рок, современа композиција и традиционални влијанија, создавајќи богати, понекогаш речиси филмски звучни пејзажи.
Со него настапуваат Емил Паризиен на сопран-саксофон, Јоан Сера на тапани, Жилиен Ерне на бас и Тони Пелман на клавијатури и пијано.
Најновото поглавје на нивниот проект, „Living Being IV: Time Reflections“, обединува авторски композиции и нови интерпретации на музика од Portishead, Дејвид Боуви и The Beatles.
Финале достојно за фестивал со светска репутација
Со оваа завршна вечер, Скопскиот џез-фестивал уште еднаш го потврдува својот препознатлив идентитет – фестивал што не ги следи комерцијалните трендови, туку отвора простор за музичка инвентивност, слобода и храбри уметнички истражувања.
И по 45 изданија, неговата најголема вредност останува токму во тоа: Скопје да биде место каде што светската музичка авангарда добива своја сцена, а публиката – можност да ја слушне иднината на џезот.
ЦИВИЛ МЕДИА и Фронтлајн се медиумски спонзори на 45. Скопски џез-фестивал.




