Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Мицкоски во маѓепсаниот круг на европските интеграции

0
By Xhabir Deralla on October 18, 2026 АНАЛИЗА, КОЛУМНА, ПОЛИТИКА, СТАВ, ТИКЕР, УДАРНО, ФЛЕШ ТРИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Sunday, October 18, 2026 16:07

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА 

Пред речиси една година, на 8 ноември 2025 година, ЦИВИЛ објави анализа со наслов „Ние сме далеку пред Албанија“ – Зошто оваа изјава на премиерот Мицкоски е важна за европската приказна на Северна Македонија. Анализата предупреди на политички наратив што ја претвора европската интеграција во бесмислен и исто толку штетен натпревар со соседите, наместо во процес на суштински реформи. Таквиот наратив го одвлекува вниманието од реформските неуспеси и создава простор за недоверба кон Европската Унија.

Речиси една година подоцна, премиерот Христијан Мицкоски повторно ја употребува истата формула. Само што сега оди чекор понатаму. Во интервјуто за „Клик плус“ на ТВ21, емитувано на 15 октомври, Мицкоски изјави:

„Не се фронтраннери тие коишто ги спомнуваат Црна Гора и Албанија. Ние сме вистинскиот фронтраннер. Првиот момент кога ќе се одблокира процесот, фуриозно ќе поминеме во тој процес.“

Фуриозно? Ах! Ајде, да не навлегуваме во изборот на зборовите. Има многу посериозни прашања.

Од „далеку пред Албанија“ до „вистинскиот фронтранер“ пред Црна Гора и Албанија. Реториката станува поамбициозна, но реалноста на европските интеграции останува непроменета.

Не се работи (само) за инцидент. Ова е само уште една манифестација на препознатлив политички образец по кој се раководи власта. Овој текст е за контекстот, не за инцидентот.

Политичките тврдења на премиерот се судираат со фактите

Во ноември 2025 година, Европската комисија ја оцени Црна Гора како најнапредна земја во пристапниот процес, додека Албанија бележеше значително забрзување на преговорите. За Северна Македонија, Комисијата констатираше недостиг од решителни чекори за напредување во процесот.

Тоа не е прашање на политички симпатии, ниту на национална гордост. Станува збор за официјални проценки, исполнети обврски и конкретни преговарачки резултати.

Северна Македонија го заврши скринингот, но сè уште не го отвори првиот преговарачки кластер. Уставните измени предвидени со договорената рамка од 2022 година остануваат неисполнета обврска.

Но премиерот повторно нуди политичка оценка според која земјата е вистинскиот предводник, без да претстави споредливи показатели што би ја потврдиле таа супериорност.

Земјата живее во паралелна политичка реалност во која земјата постојано победува во реториката, додека губи време во вистинскиот процес.

Од постојната обврска до наративот за „идни блокади“

Во интервјуто Мицкоски повторно ја насочи одговорноста кон Бугарија, предупредувајќи дека и по евентуалните уставни измени може да следуваат нови блокади. Како од ракав го извлече и Акцискиот план за унапредување на правата на лицата што припаѓаат на заедниците, нарекувајќи го „Акциски план за малцинствата“ и тврдејќи дека 26 членки на ЕУ немаат забелешки, додека Бугарија има. Говореше и за Протоколот 2, историските прашања и потребата од гаранции дека нема да има дополнителни условувања.

За политичката (зло)употреба на Акцискиот план ЦИВИЛ МЕДИА пишуваше во повеќе наврати. Меѓу другото, во анализата Северна Македонија – ЕУ – Бугарија: Како еден документ стана политички спектакл наместо предмет на дебата беше посочено дека документот, чија содржина и процедура на подготовка заслужуваат сериозна критичка анализа, беше претворен во инструмент за политичка конфронтација наместо во предмет на јавна дебата за правата на заедниците.

Притоа, ни самата терминологија не е без значење. Кога премиерот документот за унапредување на правата на лицата што припаѓаат на заедниците го сведува на „план за малцинствата“, тоа отвора и прашање за политичката порака што се испраќа кон тие заедници.

Но уште поважно е прашањето на фактите. Во своето официјално соопштение од 5 јануари 2026 година, бугарското Министерство за надворешни работи посочи дека јазикот на Акцискиот план е внатрешно прашање на Северна Македонија, а не билатерален спор. Истовремено потсети дека, според договорената европска рамка, овој чекор следува по уставните измени. Тоа е суштински различно од политичкото претставување на документот како доказ за нова бугарска блокада.

Токму тука се открива длабокиот јаз во демократската одговорност: меѓу политичките тврдења и нивната фактичка проверка, меѓу дипломатската комуникација и информираноста на јавноста, меѓу реторичката ескалација и институционалната одговорност. Прашањето за заштита на правата на заедниците се претвори во политичка операција за контрола на наративот.

Што се однесува до наводната „загриженост за можни идни блокади“, ЦИВИЛ повеќепати укажа на манипулативната природа на „аргументација“ на Мицкоски. Хипотетичките идни пречки се користат за оправдување на неисполнувањето на веќе преземена, конкретна обврска. Уставните измени се дел од договорената рамка од 2022 година. Тие не се ново барање што се појавило по доаѓањето на сегашната влада.

Порти ширум отворени, Мицкоски во ров

Повеќе од две години по формирањето на владината коалиција во јуни 2024 година, кога беше ветено дека уставните измени ќе бидат спроведени во рок од шест месеци, земјата останува пред истата пречка. Шестмесечниот рок одамна истече, а уставните измени не се спроведени. Во меѓувреме, Албанија и Црна Гора напредуваат во своите пристапни процеси.

Наместо да објасни како Владата ќе ја надмине сегашната пречка, премиерот ја префрла дебатата кон хипотетички сценарија за идни неправди. Неговата реторика се вклопува во политичкиот образец што веќе го опишав во анализата Пред отворени европски порти, Мицкоски копа ров. Притоа, Европската Унија повеќепати јавно ја потврди својата почит кон македонскиот идентитет и јазик. Тоа го повтори и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Скопје на 2 октомври 2026 година. Но таа истовремено потсети дека останува еден клучен чекор за продолжување на пристапниот процес.

И уште нешто мора постојано да се има предвид. Добрососедските односи не се нешто што ЕУ го издвојува од пристапувањето, туку негов составен политички услов. Како што беше нагласено и во неодамнешната анализа на ЦИВИЛ МЕДИА Фон дер Лајен дојде и си замина: Што остана по љубезната размена на комплименти?:

Преговарачката рамка експлицитно ги третира добрососедските односи и регионалната соработка како составен дел од пристапувањето и бара резултати и спроведување во добра волја на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија.

Што значи тоа?

Едноставно, политичката одговорност за сегашниот застој – па и назадување – се замаглува со популистички и националистички изјави. Наместо да се разговара за одлуките што треба да се донесат во земјата, јавноста се насочува кон заклучокот дека проблемот лежи исклучиво во непредвидливоста и неправедноста на Европската Унија.

Така се создава плодна почва за анти-ЕУ наративи, за продлабочување на недовербата и за натамошно одложување на реформите што на Северна Македонија ѝ се потребни – независно од тоа кога ќе стане членка на Европската Унија.

Реторика наместо реформи

Мицкоски тврди дека земјата успешно ја спроведува реформската агенда и се повикува на позитивни оценки за исполнувањето на обврските од европскиот План за раст.

Да застанеме за миг тука и да видиме за што навистина станува збор.

Исполнувањето на одделни обврски од реформската агенда не е исто што и напредување во пристапните преговори. Ниту позитивните оценки во една област можат да ги поништат сериозните слабости, застојот и назадувањето во други, суштински области – владеењето на правото, независноста на правосудството, борбата против корупцијата, јавната администрација, слободата на медиумите и функционирањето на демократските институции. Тоа се темелите на европската интеграција, а не споредни ставки во некаква административна табела. И списокот не завршува тука!

Но наместо одговори за реформите и конкретните обврски што остануваат неисполнети, јавноста по којзнае кој пат добива натпреварувачки наратив: „Македонија е подобра од соседите, но не може да напредува затоа што другите ја спречуваат“.

Тоа е политички привлечна, но опасно манипулативна приказна. Не само затоа што ја искривува сликата за реалната состојба, туку и затоа што го потиснува најважното прашање, а тоа е – што направи и што не направи Владата за да им ги испорача ветените реформи на граѓанките и граѓаните.

Етничката димензија и недовербата кон ЕУ

Како што е пишувано и претходно, споредбата со Албанија има дополнителна, особено чувствителна димензија во контекст на мултиетничкиот карактер на Северна Македонија. Во меѓувреме, во истиот наратив се вклучува и Црна Гора. Ваквото претставување на соседните земји како конкуренти, наместо како партнери во европската интеграција, носи ризик од продлабочување на меѓуетничката недоверба и регионалните поделби.

Воедно, ефектите од таквата реторика се совпаѓаат со целите на хибридните операции насочени кон поткопување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и Албанија и Црна Гора.

Ова не значи дека Мицкоски е дел од хибридните операции на Западен Балкан. Но од премиер на земја што претендира за членство во Европската Унија со право се очекува да биде свесен за пошироките политички и безбедносни последици од изјавите што ги дава.

За значителен дел од албанската заедница, европската интеграција претставува важна гаранција за еднаквост, стабилност и развој. Кај дел од етничките Македонци, пак, европскиот процес сè повеќе се поврзува со прашања на националниот идентитет, суверенитетот и чувството на неправеден третман.

Кога европската интеграција се претставува како натпревар со Албанија, постои ризик од продлабочување на поделбите и натамошна поларизација. Но уште посериозна е опасноста ваквиот наратив да ја поткопа довербата во Европската Унија. Станува збор за препознатлив наратив за неправда и жртва, кој лесно може да биде искористен и засилен од националистички и антизападни пропагандни структури.

Повторно, не тврдам дека Мицкоски има намера да предизвика меѓуетнички тензии или да работи против европската иднина на земјата. Но неговите изјави и политички постапки мора да се оценуваат и според нивните последици, а не само според декларираните намери. Политичката одговорност не завршува со она што премиерот тврди дека сака да постигне. Таа ги опфаќа и ризиците што ги создава со својата реторика и одлуки.

Една година подоцна – истото предупредување

Да заокружиме. Во анализата од 8 ноември 2025 година, ЦИВИЛ предупреди дека ваквата реторика може да ја намали јавната контрола врз реформите, да ја засили недовербата кон ЕУ и да придонесе кон етничка и политичка поларизација. Речиси една година подоцна, премиерот не само што не се откажува од таа реторика, туку ја проширува.

Во меѓувреме, европската интеграција останува заглавена, а граѓанките и граѓаните се исправени пред сѐ потешките услови за живот. Едноставно, оние што 21 година чекаат да бидат дел од големото европско семејство и понатаму немаат јасен одговор кога и како земјата ќе го отвори првиот преговарачки кластер.

Овде не се работи (само) за дипломатија, туку за живот, за секојдневно преживување во услови кога целиот свет се соочува со болни тектонски геополитички поместувања. Продолжениот застој значи пропуштени можности за институционални реформи, економски развој, инвестиции и подобар животен стандард. Затоа, не треба да изненадува тоа што луѓето, а особено младите, тонат во апатија и ја губат довербата во демократијата и демократските институции.

На крајот на краиштата, ризикот не е само во тоа Северна Македонија да остане зад соседите. Вистинската опасност е граѓаните да заклучат дека европската интеграција е бесмислена, без оглед на тоа што Владата декларативно ја претставува како свој стратешки приоритет.

Тешко е кога разочарувањето ќе се претвори во откажување од сопствената земја. Кога луѓето ќе речат: „Оваа земја не ја бива. Дајте да го бараме чарето на друго место“. И ќе застанат во редот за билети во еден правец.

Да заклучиме, Северна Македонија останува заробена во истиот маѓепсан круг. Премиерот тврди дека земјата е лидер, самиот си претпоставува, а потоа и предупредува на идни опасности и ја префрла одговорноста на сите други освен на себе и неговата екипа.

А времето минува. Животот на цела една генерација помина во чекање на перонот, додека европскиот воз доаѓаше, застануваше и заминуваше безброј пати. Ќе дојде ден кога тој воз веќе нема да застанува на таа станица.

 


ЦИВИЛ МЕДИА

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Мицкоски во маѓепсаниот круг на европските интеграции

October 18, 2026

Од бразилски ритми и електронски експерименти до француска џез-авангарда: Завршна вечер на 45. Скопски џез-фестивал

October 18, 2026

Шест кандидати за градоначалник во Брвеница во трка за гласовите на 16.256 избирачи

October 18, 2026

Не е трула државата Данска, трули се каналите за информација: Кога веста ќе стане изговор за шамар

October 17, 2026

Студентски протести и судири со полицијата во Албанија и Италија

October 17, 2026
shortcut
ФОКУС
September 30, 2026Updated:September 30, 2026

Мицкоски пред средбата со Фон дер Лајен: Подготвени сме за разговор и решение, обврските ги наследивме од претходната власт

ПОЛИТИКА September 30, 2026

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе престојува во…

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

August 29, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026
ТИКЕР

Мицкоски во маѓепсаниот круг на европските интеграции

October 18, 2026

Од бразилски ритми и електронски експерименти до француска џез-авангарда: Завршна вечер на 45. Скопски џез-фестивал

October 18, 2026

Шест кандидати за градоначалник во Брвеница во трка за гласовите на 16.256 избирачи

October 18, 2026

Не е трула државата Данска, трули се каналите за информација: Кога веста ќе стане изговор за шамар

October 17, 2026

Студентски протести и судири со полицијата во Албанија и Италија

October 17, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.