Државна матура ќе мора да се полага на 27 мај, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, при денешната посета на Кавадарци.
Тој вели дека за тоа се прават сите подготовки.
Одржувањето на испитите се доведува во прашање поради штрајкот на Државниот испитен центар (ДИЦ), институција надлежна за спроведување на државни тестирања.
„Од почетокот на штрајкот, мојот став е дека не можеме секогаш да ги поврзуваме важните процеси, со некои барања. Ги поддржувам барањата, но мојот конечен став, е, дека државната матура ќе се полага на 27, кога што е предвидено според рокот“, рече министерот.
Тој повтори дека ако е потребно ќе испратат кадар од Министерството во Државниот испитен центар за да помогне да се завршат работните задачи.
Таквата можност вчера ја отфрлија од Синдикатот на Државниот испитен центар кои штрајкуваат три недели барајќи повисоки плати. Претседателката на синдикатот, Емилија Бошковска вчера изјави дека поради тајноста на материјалите влезот во испитниот центар е забранет за надворешни лица, а во некои простории не смеат да влегуваат ни сите вработени во институцијата.
Од штрајкот се засегнати 15. 620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита.