„Ние се обидуваме да воспоставиме и јавен дијалог меѓутоа и институционален дијалог со ВМРО-ДПМНЕ за да ги расчистиме дилемите и заради нив и заради јавноста. И сега веќе е многу јасно, мислам дека на секој што сака да разбере и да следи, дека основните тези на коишто се базира нивното противање да гласаат за уставните измени немаат основа, кореалност и немаат реална поткрепа“ изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ во „Трилинг“ на ТВ24.
Тој додаде дека комплетниот терен за ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на уставните измени е расчистен и дека нема никакво објаснување за нивното противење, бидејќи освен од Владата и од ЕУ и нејзините структури стигнаа гаранциите за заштита на македонскиот јазик и идентитет.
„Имаме јасна и прецизна позиција од Бугарија и од другите држави членки на ЕУ дека нема други услови за продолжување на преговорите и отварање на поглавјето, дека ова е главниот и единствен услов. Нашиот јазик и идентитет се заштитени и гарантирани од најголеми поддржувачи во Европската Унија и преговарачкиот процес не може да го загрози нашиот идентитет и македонскиот јазик“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека со решавањето и гласање за уставните измени ни се отвора патот за реално членство во ЕУ во наредните години.