Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на одбележувањето на подготвителните активности за изградба на Лидл логистички и дистрибутивен центар во Северна Македонија во индустриската зона Речица во близина на Куманово, каде имаше и свое обраќање.
„Северна Македонија официјално станува дел од големото семејство на познатиот трговски ланец Лидл, кој е препознатлив во регионот и пошироко по својот квалитет и цена. За мене претставува големо задоволство што овој германски гигант ја одбра токму Северна Македонија, поточно, оваа индустриска зона во селото Речица во близина на моето родно Куманово за изградба на модерен логистички и дистрибутивен центар во нашата држава.“
„Со инвестиција од 80 милиони евра и нови над 150 работни места во финалната фаза на нивното проширување, Лидл планира најголема, но и долгорочна инвестиција во нашата држава, која сметам дека ќе отвори големи перспективи како за нашата национална економија, така и за нашата држава која преку ваквите успешни бизнис модели ќе оствари поголем пробив на меѓународните пазари. “
„Квалитетот на Лидл успешно се градеше во изминатите 50 години и денес мрежата на овој познат трговски ланец е распространета во повеќе од 30 земји во светот и со над 12000 маркети.“

„Лидл не е само обичен трговски ланец, туку изграден бренд чии маркети во регионот се посетени и од многу наши граѓани бидејќи добиваат висок квалитет за поволна цена. Ние создадовме услови ова да го овозможиме дома.“
„Зад овој квалитет стојат луѓето, поточно над 376.000 вработени кои се дел од реномираното Лидл семејство.“
„Денешниот настан е потврда за нашето долгорочно цврсто партнерство со нашите германски партнери и стимул за нашите економски политики кои создаваат поволен и предвидлив деловен амбиент за странските инвеститори кои ја одбираат нашата држава како стабилно и безбедно место за нивните инвестиции.“