Како што НОВА веќе најави, од кампањата за првиот круг за претседателските избори 2024, натаму, по првите три кампањски денови, ќе известува редуцирано, сублимирано и збирно освен, секако, доколку кандидатките и кандидатите или некои од нив, не настаат со поинакви гледишта отколку од нив досега презентираните, а кои во првите три кампањски денови ги повтортуваа идентично.
Стево Пендаровски – Охрид:
- Тие ја сакаат Македонија само кога се на власт, ние ја сакаме и кога сме и кога не сме.
- Во времето на ВМРО-ДПМНЕ имаше две групи на граѓани, односно нивни и наши, симпатизери на ВМРО и останати. За разлика од сегашната владејачка структура која не направи крупни стратешки грешки со кои би била загрозена државата, ВМРО – ДПМНЕ, правеше и крупни и ситни грешки.
- Не можам да замислам да кажуваш дека си претседател на сите, а да има некој над тебе, некој кој ќе ти кажува како да работиш. Таков е случајот со Силјановска и со Мицкоски. Овој што ја поддржува сака да биде и претседател и премиер.
- Македонските национални интереси се бранат само со пријатели, а не со политика што води кон изолација.
- Втивме дека Македонија ќе ја направиме членка на НАТО и тоа го направивме после 25 години статус на кандидат.
- Огромен исчекор направивме и во преговорите со ЕУ, после 17 години во чекалната конечно ги отворивме преговорите. За жал, во моментот кога најмалку тоа го очекувавме нашиот источен сосед постапи комплетно антиевропски и не блокираше на тој пат. Меѓутоа и со тоа можевме лесно да се избориме ако внатре во државава немавме опозиција која ‘де факто’ е на истите антимакедонски позиции и ги поддржува сите опструкции кои ни доаѓаат од таа страна.
Гордана Силјановска Давкова – Кочани:
- Знам дека Уставот е зрел за промени и мислам дека е крајно време една одговорна власт да направи широко експертско тело што ќе ги утврди проблемите во него. Има работи што треба да се сменат за да имаме стабилна и функционална држава.
- Јас нема да се оттуѓам од вас, нема да бегам од вас, туку ќе бидам меѓу вас и ќе ги вратам народните канцеларии за да бидеме во постојана комуникација. Не за да бидам адвокат или ваш судија, туку за да се обратам пред Парламентот, предочувајќи ги вашите проблеми и интереси и барајќи законски решенија и одлуки за да ви го разубават животот, оти се срамам да кажам дека припаѓам на најнесреќниот народ во Македонија.
- На највисоките позиции да се најдат најстручните и најкомпетентните, а претседателот да посегне по помилувања тогаш кога ќе ја брани правдата, да дели награди и признанија таму каде што има основ и на тоа да се надоврзе и одговорна влада која ќе соработува со претседателот.
Стевчо Јакимовски – Скопје:
- Жал ми е што бројот на тие таканаречени европски ориентирани политичари се зголемува. Јас и мојата партија не сме подготвени да ги предадеме Република Македонија и граѓаните.
- Да јакнење на улогата на Македонија во НАТО структурите и во Европската Унија и повеќе почит за Македонија и за нејзините граѓани.
- Мојата мисија би била да се дигне дигнитетот на Република Македонија, она што бараме е само малку повеќе почит за Македонија и за граѓаните и она што мора да ѝ го соопштиме на Европската Унија е дека ние сме подготвени да чекаме пред вратата на Европската Унија до 2030 година, а потоа не сме подготвени.
- Со изјавата за вметнување на Бугарите во Уставот со дејство кое ќе биде одложено, Максим Димитриевски влегува од скриена во отворена коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е истиот став што го има ВМРО-ДПМНЕ.
- Чудно е што таа изјава Димитриевски ја дава од пред Македониумот во Крушево, од најсветото македонско место за да нѐ понижи нас, Македонците.
- Таква изјава се дава во Софија каде ќе го почестат. Треба да знае дека Бугарите се тие кои не им пружиле помош на Македонија и на востаниците.
Бујар Османи – Скопје.
- Најважен приоритет ми биде формирање на меѓународен борд составен од претставници од Соединетите Американски Држави, Европската Унија, НАТО и во координација со институциите во земјата кои ќе го направат сертифицирањето на сите носители на јавни функции во две насоки, дали имаат некаква поврзаност со руските интереси и дали се вмешани во каква било форма на корупција.
- Корупцијата на високо ниво е најголем проблем ги јаде парите на граѓаните кои што може да бидат ориентирани за јавни услуги и подобар квалитет на живеење, но и дека не треба да забораваме на секојдневната корупција со која се соочуваат граѓаните. Мораме да го видиме сеопфатно тој процес и да ја исчистиме корупцијата. Јас мислам дека тоа можеме да го направиме ако прво ја исчистиме корупцијата на високо ниво, бидејќи таа ги јаде најголемите фондови во државата, изјави Османи.
Билјана Ванковска Мирчевска – Тетово:
- Ни ја зедоа државата. Нема веќе демос, има само етнос. И кога една од противкандидатите зборува за гордост јас се прашувам кога тоа ние во скоро време сме биле горди. Јас зборувам за достоинство. Достоинството е да достоиш на својот принцип, а потоа можеш да бидеш горд.
- Не сум тука само да учествувам. Одиме по потешкиот пат. Поведро и подонстоинствено не можеме да го направиме тоа.
- Сѐ штo треба да направиме е да ги мотивираме граѓаните зад параванот.
- Противкандидатите бегаат од директни соочувања што не доликува на една демократија.
- Понатаму додаде дека сите кандидати меѓусебно ќе си се сложат. На крај ќе излезе дека сите се за Бугарите во Устав. Само јас сум против“, рече Ванковска.
Арбен Таравари – Тетово:
- Да поченеме денцентрализација и во здравството. Да почнеме да децентрализираме и зборувавме и за другите предлози кои се интересни, кажани од нашите колеги, не само за медицина, фармацевтски, стоматолошки дел, изјави Таравари.
- До сега кампањата е релативно коректна, освен што институциите на системот за жал, се политизирани и од тоа за жал не можеме да побегнеме. Дека има одредени притисоци врз луѓето, тоа е вообичаено, и не го сметаме за нешто, да речам вонредно, и нешто што не го предвидувавме.
Максим Димитриевски – Струга:
- Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава како Македонци и како засебна нација, како што била и како што е во моментот по основните заложби на Крушевскиот манифест, порача од Струга.
- Следната политичка елита, кој и да е на власт, треба сериозно да се посвети на ова поле и да ја разработи преговарачката рамка со ЕУ и билатералното прашање да се реши на релација Скопје – Софија.
- За да станеме членка на Европската унија првенствено треба да ја средиме државата да личи на држава.
- Доколку ја добијам довербата на граѓаните, ќе се борам за народот и државата па ако се вее македонското знаме тука, во Охрид, ќе мора да се вее и во Кичево.