Денес, во Пекинг започна заседанието на Националниот конгрес на Кина, каде што генералниот секретар на Комунистичката партија, Си Џинпинг, ќе ја превземе должноста Претседател, од Ху Џинтао. Се очекува за време на десетдневното заседание да биде потврден и составот на новата влада.
Донесувањето на буџетот ќе биде меѓу најважните задачи за делегатите на годишното заседание на кинескиот парламент.
Кинеските власти пред заседанието на Конгресот ја бранеа идејата за зголемен воен буџет, истакнувајќи дека големите инвестиции во вооружените сили придонесуваат за мир во светот и стабилност, без оглед на загриженоста на САД и азиските соседи.
Минатогодишниот кинески воен буџет беше околу 100 милијарди долари и беше помал само од американскиот.
Новите лидери на Кина би требало на тие функции да останат наредните 5 години, со можност да бидат избрани за уште еден мандат.
„Во последните 5 години, пронајдовме одговор за сериозните удари од меѓународната финанскиска криза. Оваа криза беше голема и се прошири брзо, а нејзиното влијание беше длабоко и се гледа еднаш во сто години. Со кризата се соочуваме со ладна глава. Ние ја застапуваме десетгодишната политика чекор по чекор, зголемувајќи ја домашната потрошувачка и промовирање на стабилен и релативно брз економски раст“, порача на отворањето на конгресот, премиерот Вен Џиабао.
Околу 3 000 делегати во палатата на народот на плоштадот Тиананмен, во текот на наредните десет дена, ќе ги усвојат мерките претходно донесени од владејачката партија.