Берлин: Германците денеска избираат 630 пратеници за новиот состав на Бундестагот, додека предизборните анкети покажуваат дека опозициските демохристијани и екстремната десница, исто така опозициска Алтернатива за Германија (АфД) имаат најголема поддршка, но ниту една партија нема да има доволно пратеници за сама да формира влада.
За функцијата нов лидер на Германија се борат четворица кандидати: актуелниот канцелар Олаф Шолц од Социјалдемократската партија (СПД), Фридрих Мерц, кандидатот на главната конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ), актуелниот вицеканцелар Роберт Хабек од еколошката Зелена партија и Алис Вајдел од крајната десничарска, антиимигрантска Алтернатива за Германија (АфД).
Изборите се карактеризираат со изразени демографски промени. На изборите во 2021 година, право на глас само во Германија имаа 61,2 милиони луѓе.
Во сегашното гласачко тело повеќе од 40 отсто од граѓаните се на возраст над шеесет години, а една четвртина се над 70 години.
Помладите од 30 години сочинуваат само 13,3 отсто од гласачкото тело. Вкупно 2,3 милиони млади луѓе можат да гласаат за прв пат или околу четири проценти.
Изборите во Германија се одржуваат седум месеци порано од планираното, бидејќи трипартиската коалиција на Шолц се распадна во ноември поради несогласувањата околу начините за заживување на економијата, која веќе две години е во пад.