Американскиот државен секретар Марко Рубио посочи дека Украина ќе треба да отстапи дел од својата територија како дел од каков било договор за ставање крај на војната.
Мислам дека двете страни треба да прифатат дека нема воено решение за оваа ситуација, им рече Рубио на новинарите на летот за Саудиска Арабија, каде утре ќе има клучни разговори со украинските претставници.
Русите не можат да ја освојат цела Украина, но исто така ќе биде многу тешко за Украина во разумна временска рамка да ги принуди Русите да се повлечат на нивните позиции од 2014 година, додаде тој.
Рубио, исто така, рече дека САД би можеле да ја укинат забраната за испраќање оружје и разузнавачки информации во Украина уште утре, доколку состанокот во Саудиска Арабија даде конкретни резултати.
Тој посочи дека Белата куќа најпрво сака да знае на какви отстапки би бил подготвен Кијив пред да ја рестартира воената помош, нагласувајќи дека Украина мора да биде „подготвена за тешки одлуки, како и Русите.
Се надевам дека ќе го решиме прашањето за суспензијата на помошта. Она што ќе се случи утре ќе биде клучно во тој процес, заклучи Рубио.