Полесно повредени претежно помлади лица во повеќе физички напади врз патници во автобуси, на постојки, во близина на училишни дворови, ова е извештајот од Министерството за внатрешни работи за изминатото деноноќие.
Синоќа околу 19 часот во Скопје на булеварот „Крсте Мисирков“, во автобус на ЈСП со број 9, шест до седум непознати лица ги нападнале Е.А.(16) и неговата другарка К.А.(17), удирајќи ги со тупаници по телата, од што на Е.А. му нанеле видливи повреди.
На улицата „Цветан Димов“ во Скопје на автобуската постојка кај џамијата „Јаја Паша“ синоќа околу 19.30 часот бил нападнат А.Р.(17) откако се симнал од автобус на ЈСП со број 9. Тој бил пресретнат од четири-пет непознати лица, кои физички го нападнале.
Имало и неколку каменувања на автобуси:
Во населбата Пинтија според пријавата на возач на ЈСП, додека го управувал автобусот, непознато лице фрлило камен кон автобусот.
Потоа, позади Поликлиника „Бит Пазар“ неколку непознати лица фрлиле со камења врз автобусот на ЈСП, со број 68, при што било оштетно ветробранското стакло.
Вчера околу 9 часот, во кругот на АСУЦ „Боро Петрушевски“, по завршување на големиот одмор, пет-шест непознати лица го пресретнале ученикот Н.П.(17) од село Миладиновци и физички го нападнале, нанесувајќи му видливи повреди.
МВР презема мерки за пронаоѓање на сторителите.