Поради врнежите од дожд, во текот на доцните попладневни и вечерните часови дојдено е до зголемување на нивото на Маркова Река поради што е излеана преку мостот кај населененото место Љубош и низводно и дојдено е до поплавување на неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани, Батинци и делови кон Пинтија.
Како што информира денеска РЦУК – Скопје, пријавено е и поплавување на дел од булеварот „Борис Трајковски“ кај населбата Пинтија, каде исто така имало пријави за поплавени магацини.
Според информациите од лицето за контакт од Општина Студеничани, интервенираат службите на Општина Студеничани со локалните фирми, а на терен има и претставници од Општина Кисела Вода.
Во текот на ноќта на единствениот број за итни повици 112 добиени се и пријави за поплавени куќи во Горно Лисиче, каде интервенира Општина Аеродром.
– На поплавените места интервенираат и БППЗ на Град Скопје и јавните претпријатија на град Скопје и единици на локална самоуправа, наведува РЦУК – Скопје.
АМСМ информира дека непроодни се локалниот пат село Горно Лисиче кон село Долно Лисиче во Општина Аеродром и првиот мост во село Батинци, Општина Студеничани.
ЈСП „Скопје“ известува дека поради поплавите од Маркова Река, автобусот со број 70 сообраќа до почетна/крајна станица Дризла и автобусот со број 33 преку населба Драчево во двете насоки.
Железници на Северна Македонија известуваат дека железничкиот патнички и товарен сообраќај од синоќа, од 22:50 часот е во прекин во правец на Лисиче и Драчево и обратно, додека патничкиот сообраќај се одвива преку станицата Трубарево.
Градот Скопје нема никаква надлежност за постапување на овие канали и коритото на реката, велат од таму.
Согласно актуелните акти на Министерството за животна средина и просторно планирање, и актуелниот ГУП донесен во време на Коце Трајановски надлежноста за одржување на одводните канали и коритото на реката Маркова Река е во директна надлежност на општина Студеничани и Министерството за животна средина и просторно планирање, објаснуваат во соопштението испратено до медиумите.
Од Град Скопје велат дека неколку пати апелирале до Општина Студеничани за чистење на каналите и коритото на реката, но залудно.
За дезинформациите во јавноста дека одговорноста е на Град Скопје за излевање на реката, тие посочија дека ќе бараат и правна одговорност и известија дека екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје, ЈП Водовод и Канализација и останатите претпријатија на градот Скопје се на терен и активно помагаат во спречување на дополнителни штети и санирање на веќе настанатите.