Македонија ќе биде домаќин на детскиот филмски фестивал „Џифони“, од 20 до 27 октомври. Се работи за бренд што Италија го гради 43 години.
Деталите за организацијата биле утврдени на средби, минатата недела меѓу повеќе институции во Македонија со делегација на фестивалот, предводена од директорот Клаудио Губитоси.
– Чувствувајќи доверба и ентузијазам, директорот на фестивалот одлучи брендот Џифони да ни го отстапи без да платиме ниту едно евро. Почестени сме од довербата што тој ја стекнал дека Македонија може да биде регионален центар на Џифони, каде што секоја година ќе се собираат децата од регионов и ќе се случува концептот на Џифони кој секоја година се случува во Италија, рече директорот на Филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески на денешната прес-конференција.
Фондот ќе потпише тригодишен договор со Филмскиот фестивал Џифони со што Македонија ќе добие целосен културен прозивод во насока на социјалниот развој на децата. – Три години треба да работиме за да ја оправдаме довербата, посочи Башески.
Според креативниот директор на фестивалот во Македонија, Иво Антов од „Наше маало“,настанот ќе биде круна на 15-годишната работа на неговата продукција. То вели дека тимот ќе се труди државава да стане регионален центар на познатиот италијански фестивал и да донесат многу деца од Балканот и од Италија на првото фестивалско издание. Ќе учествуваат деца во две возрасни категории, од 13 до 15 и од 16 до 18 години.
Фестивалот Џифони соработува со локални фестивали низ светот, а некои од нив целосно го преземаат брендот и плаќаат за него, како пр. Бразил и Катар. Македонија е меѓу земјите кои бесплатно го добиваат брендот. Се инсистира дека Џифони не е само фестивал, па затоа и го смени логото во „Џифони искуство“. Децата гледаат филмови, а потоа дискутираат за темите, следат работилници и поставуваат прашања и коментари до познати актери и режисери. Учествуваат по педесетина делегации. Покрај професионално жири, за наградите од официјалната програма одлучува и меѓународно жири од 3.000 деца. Нема поделба меѓу возрасни и деца, а мотото на фестивалот е „Засекогаш млад“.