Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска во Основен Кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски.
Палевски тврди дека сведоците на чии искази се темели обвинението против него биле под притисок и дека нивните изјави не соодветствуваат со вистината.
За Ерол Османи, кај кого наводно попоравал котли, вели дека лажно сведочел, затоа што во тоа време имал поткаст. За Велибор Манев, кој имал проблем со поплочувањето на дворот на убиениот Панче Жежовски, вели дека проблемот меѓу нив бил подлабок, а случајно или не, на местото на увидот излегла обвинителката која претходно ја отфрлила кривичната пријава на Жежовски за Манев.
„Влијанието на ОЈО врз сведоци е направено неколку пати во оваа судница“, рече денеска првообвинетот во предметот заа убиството на Вања и Панче, Љупчо Палевски Палчо.
Тој потенцираше дека притисок се правел врз Велибор Манев како и врз Ерол Османи кај кого наводно бил да поправа котли во периодот на убиството на Панче Жежовски.
„На 28.11 2023 е невозможно е да бидам во Бутел кај Османи и да го поправам котелот. Во 8 часот тој ден добив порака од Зоран Китевски од Австралија и ме праша дали ќе имаме поткаст. Поткастот почна во 10 часот и 11 минути и траеше до после 12 часот. Османи во исказот тврди дека во 11 и 42 минути сум му пратил порака дека сум добар и оти ќе дојдам кај него во Бутел. Проблемот на сведокот дека не ја говори вистината е пораката што ја добив од поранешниот пратеник Бошков дека мојот глас на поткастот послабо се слуша. Во меѓувреме ја земав ќерка ми пред „Алкалоид“ околу 13 часот. Физички е невозможно е да бидам на 28-ми во Бутел и да поправам котел“, изјави пред судот Палевски.
Тој уште тврди дека не постојат информации од базните станици за критичните денови.
„Според „Телеком“ јас никогаш не сум бил во Бутел ниту на 22 ниту 28 ноември, што е речиси невозможно котлите на Ерол да бидат поправени. ОЈО користи лажни сведоци“, раскажува Палевски.
Палчо тврди дека не знае кој е Панче Жежовски ниту некогаш го запознал.
„Наивните објаснувања на Манев се неточни. Постои повеќе од кавга за бекатон плочки меѓу нив. Има и кривична пријава од Жежовски до Манев. Таа е отфрлена во Велес, а во претставките до Советот на јавно обвинителство Жежовски тврди дека Манев е под заштита на Обинителството во Велес. Постои многу повеќе од недоразбирање. Панче 10 години се занимавал со Манев, имало нетрпение и омраза меѓу нив. Случајно или намерно на местото на настанот за убиството излегла обвинителката што ја отфрила кривичната пријава за Манев“, тврди Палевски.
Продолжи исказот на првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо. Тој одговара на прашањата од неговиот бранител, Јовица Страшевски.
Остана неодговорено прашањето каде бил на 27 номеври 2023 година, денот кога е убиена Вања Ѓочевска, откако претходно даде свое објаснување што правел на 22 ноември 2023 година кога според обвинението е убиен Панче Жежовски.
Тој ќе одговара и на прашања од обвинителство, а ако остане простор и време, и на прашањата од обвинетите и нивните адвокати.