Експлозии се слушнаа во Шринагар, главен град на делот од Кашмир контролиран од Индија, само неколку часа откако Индија и Пакистан се согласија за прекин на огнот, објавија светските агенции, повикувајќи се на првиот министер на територијата Џаму и Кашмир, Омар Абдула.
Што по ѓаволите се случува со прекинот на огнот? Експлозии се слушаат низ целиот Шринагар, напиша Абдула на мрежата „Икс“.
Ова не е прекин на огнот. Единиците за противвоздушна одбрана во центарот на Шринагар штотуку отворија оган“, објави тој.
За прекугранично гранатирање и пукање се соопштува и од најмалку пет места на линијата на контрола – границата што го дели спорниот Кашмир меѓу двете нуклеарни држави. Засега нема информации за жртви.
Индија го обвини Пакистан дека го прекршил договорот за прекин на огнот кој беше постигнат само неколку часа претходно, по разговори иницирани од САД за ставање крај на најсериозната воена конфронтација меѓу двете нуклеарно вооружени земји во последниве децении, јавува АП.
Повеќе експлозии се слушнале во двата најголеми града на индискиот дел на Кашмир — Сринагар и Џаму — само неколку часа по потпишувањето на договорот. Според жителите, во тие градови имало и прекини на струја.