Утре започнува 7. издание на „Златна рамка“ со тридневна фестивалска програма. Ќе се одржи во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
Почесни награди ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија: Јордан Симонов, истакнат филмски актер, Роберт Јанкуловски, директор на фотографија и Алисија Ферро, истакната филмска работничка.
Во текот на трите фестивалски денови, „Златна рамка“ ќе биде централното случување кое ќе ги обедини филмските професионалци, авторите, актерите и љубителите на седмата уметност на едно место.
Како дел од овогодинешното издание, на 26 јуни ќе се одржи и пригоден настан во чии рамки ќе бидат доделени почесните награди “Златна Рамка“. Воедно, во знак на јубилејот 75 години постоење на Друштвото на Филмски Работници на Македонија, на овој настан постхумно ќе бидат доделени и 7 плакети на професионалци кои со својата работа оставиле значаен траг врз македонската кинематографија: Јован Бошковски, Кирил Билбиловски, Никола Лазаревски – Никица, Јордан Јаневски, Делчо Михајлов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Џокер и Милосав Крстевски – Ага.
„Златна рамка“ е филмска ревија иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција и ги отсликува вредностите и континуираната мисија на Друштвото на Филмски Работници на Македонија – унапредување на професионализмот, поврзување на филмската заедница и отворање нови перспективи за креативниот израз.
Оваа година, „Златна Рамка“ покрај ретроспективата на едногодишното филмско творештво во Македонија, има уште подлабоко значење, како симболичен осврт на седум и пол децении фокус и афирмација на македонскиот филм, од првите документарни и играни филмови, до современи мозаик приказни, преку кои ДФРМ го трасира патот на македонската кинематографија на домашната и меѓународната сцена.