– Министерството за внатрешни работи потврди дека е приведен сопственикот на отпадот во Визбегово каде во тек е акција на гаснење на пожарот. Во пожарот е повредено и едно лице.
– До овој момент едно лице е повредено и е пренесено за укажување лекарска помош. Поради непочитување наредба од службено лице, приведен е А.Н., сопственик на правното лице што управува со отпадот, информира МВР.
Со пожарот се зафатени хаварисани возила со плински уреди поради што се слушаат детонации, но досега нема зафатено куќи.
Во гаснењето учествуваат еден авион „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер. Од копно во гаснењето се вклучени пожарникари од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје и возила на „Комунална хигиена“.
Според она што можеше да се види на терен, пожарот од силниот ветер сѐ повеќе се разгорува и претставува ризик да се прошири кон куќите што се наоѓаат во непосредна близина.
Пред да биде интервенирано од страна на ДЗС и МВР, локалното население со помош на камиони и багери го расчистуваа околниот отпад од старо железо и гуми кој сѐ уште не беше зафатен од пожарот, по што полицијата целосно го забрани пристапот до местото.
Од Центарот за управување со кризи (ДЗС) соопштуваат дека пожарот претставува опасност за жителите во Шуто Оризари и доколку има потреба тие ќе бидат евакуирани. Додаваат дека бил запознаен градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш, којшто, како што велат, ќе процени дали има потреба за евакуација на населението во реонот.
Во реонот на Визбегово, општина Шуто Оризари во близина на дивата депонија, избувнал пожар кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини. Има опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи. По барање на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, побарана е воздушна поддршка за справување со пожарот. Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш го процесуираше барањето до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), со цел побрза и поефикасна интервенција на терен, соопштуваат од ЦУК.
Апелираат до граѓаните да се воздржат од движење во близина на критичната зона и да останат дома со затворени прозорци, сè додека не се стабилизира состојбата.