Од партијата Левица најавија тужба против Петар Богојески за клевета и навреда, како и кривична пријава за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на политичка припадност.
Најавата за тужба доаѓа откако Богојески на својот Фејсбук профил напиша дека партии како Левица се „Опасни по живот на дечиња… убиваат деца…“.
Скандалозните јавни обвинувања дека „Левица убива деца“ (!?) не се само злонамерни, налудничави и целосно неосновани, туку претставуваат директно поттикнување омраза и загрозување на безбедноста на нашите членови! Дополнително, прогласувањето на сите левичари за „психопати“ од некој кој со децении е носител на високи извршни функции во државната администрација, а со тоа и директен креатор на нездравото социјално опкружување, во најмала рака е игнорантно, неодговорно, а во неговиот случај и простачки, велат од Левица.
Од партијата додаваат дека „политичката злоупотреба на трагичниот настан во Прилеп, преку негово паушално поврзување со Левица, претставува циничен и безобзирен обид за политичко профитирање врз истиот. Наместо одговорност, гледаме подмолна манипулација со цел дискредитација на политички противници од страна на власта“.