Пред неколку дена заврши рехабилитацијата на повредените во кочанската дискотека „Пулс“ во одмаралиштето на Министерството за внатрешни работи на планината Пониква, потврди началникот на Одделението за физикална терапија во Клиничка болница-Штип, Никола Костадинов.
Физијатарот Костадинов беше дел од тимот на лекари специајлисти, кои изминатите месеци работеа на рехабилитацијата на повредените млади луѓе во одмаралиштето на Пониква. Тој вели дека за неполни три месеци околу 150 млади луѓе добиле интензивна медицинска, психолошка и физикална поддршка. Повредените биле распоредени во три групи, кои имале по двонеделна рехабилитација и биле под надзор на лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија во Скопје и физиотерапевти од болниците во Кочани и Штип.
Костадинов посочува дека тимот на лекари, физиотерапевти, писхолог и здравствениот персонал е задоволен од целиот процес на заздравување на пациентите, кои го дале максимумот.
Добивме максимум од секој пациент, имаме добри резултати, кај дел од пациентите кои се полесно повредени функциите се враќат во нормала, тие што имаат посериозни повреди, кај нив процесот на заздравуваање е побавен. Меѓутоа, најважно од сѐ е што процесот на рехабилитација кај сите пациенти оди во нагорна линија, изјави Костадинов.
Тој додава дека лекарите и медицинските тимови со лекувањето и интензивни физикални вежби на повредените млади луѓе ќе продолжат во штипската и кочанска болница.
Сега продолжуваме со рехабилитација во Општа болница во Кочани и во Клиничка болница, Штип. Моментално во Штип, имаме шест пациенти, но со затвараање на Пониква, се очекува бројот да се зголеми, додека во болницата во Кочани, бројот на пациенти ќе биде многу поголем, рече Костадинов.