Бурата „Бајрон“, што ја погоди Грција направи хаос во земјата. Поплавени се улици и куќи, откорнати се дрвја, а луѓето очајно бараат помош. Некои дури качени на своите покриви чекаат да бидат спасени од поплавите. Во делови од земјата затворени се училиштата, како и голем број автопатишта.
Националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави Катимерини.
Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, а има и откорнати дрвја во неколку области.
Рано утрово, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преместат од подрумот и приземјето на зградата на повисоките катови поради поплавите.
Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност.
Надлежните служби на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во зголемена готовност.
Поради бурата денеска нема да работат училиштата во регионот Атика, како и на островот Родос, објавија грчките власти.
Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Ние донесуваме одлуки врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалиас.
Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со цивилната заштита и Министерството за образование. Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.




