Македонија не е причинител на светските бегалски кризи. Нашата земја не води војни, не учествува во дестабилизација на региони, не експлоатира природни или човечки ресурси во земјите од кои луѓето бегаат. Напротив, Македонија е мала и геополитички маргинализирана држава која се соочува со последици од глобални процеси што не ги контролира. Понижувачки е земја која не е дел од проблемот да биде претворена во инфраструктура за туѓи политики на затворање граници.
Овие договори практично ја сведуваат Македонија на логистички додаток на Западна Европа, место каде што другите ќе ги складираат „непосакуваните“ – најчесто сиромашни, ранливи бегалци кои бараат шанса за живот. Непочитување кон луѓето, затоа што бегалецот не е товар што треба да се префрли во земја што нема глас во процесот.
Во суштина, ваквите центри се создаваат не затоа што Македонија е „партнер“, туку затоа што е слаба. Економски зависна, дипломатски ранлива и крајно подобна за политичко уценување.
Преместувањето на мигрантските процедури во земји надвор од Европската Унија создава нов тип на зависност: економска, политичка и безбедносна. Земјите од Балканот, кои веќе се наоѓаат во процеси на европска интеграција и финансиска зависност од Западот, стануваат ранливи на притисок, преговарачки уценувања и политичка инструментализација. Наместо да бидеме субјекти со сопствена стратегија за развој, стануваме дел од инфраструктурата на европското одвраќање на миграцијата.
Ако Владата прифати да стане домаќин на логори, како што ги нарекуваат многу хуманитарни организации, тоа не само што ја деградира нашата меѓународна позиција, туку создава и длабок внатрешен морален товар: ние би станале соучесници во политика која системски ги понижува луѓето во бегство.
За ДПМНЕ што може воопшто да се каже? Нивната расипничка, мегаломанска и ненаситна машинерија лаже константно од преземање на државното кормило. Нетранспарентно не вовлекува во проекти во кои не сакаме да учествуваме, за да може преку задолжувања да ги збогати своите раководни луѓе. Што побрзо се ослободиме од оваа антинародна ламија, толку поскоро и ќе зборуваме за закрепнување на општественото ткиво.




