Денеска на еден од најсветите денови за православните христијани, Богојавление (Водици), традиционално како и секоја година, се одржа фрлање на светиот крст во Вардар, во центарот на Скопје.
Годинава најсреќен помеѓу оние 160 верници кои се фрлаа по крстот е 24-годишниот Дарко Митровиќ.
Чинот на полагањето на светиот крст се одржа кај мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“.
Помеѓу скокачите годинава беше и една девојка, Јована Џеповска, за која ова е прво учество во чинот на положување на светиот крст. Таа истакна дека нејзината мотивација произлегува од љубовта кон верата и традицијата, нагласувајќи дека не треба да постојат поделби кога станува збор за духовните вредности.
Настанот беше проследен од голем број граѓани и верници, кои и годинава присуствуваа на традиционалното одбележување на Богојавление – Водици, еден од најзначајните празници во православниот календар.




