Со транспаренти со пораки „Профит за нив, болести за нас“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксуз, тоа е право“, „Профит за Усје, болест за народот“ и „Стоп за Усје“, граѓани денеска протестираа барајќи затворање на цементарницата, посочувајќи дека економскиот профит не смее да биде над здравјето на луѓето.
Протестот започна пред Влада, по што демонстрантите се упатија кон Собрание и продолжија пред Министерство за животна средина и просторно планирање. Учесниците порачаа дека институциите имаат одговорност кон граѓаните и дека барањата за заштита на здравјето и животната средина мора да добијат конкретен и итен институционален одговор.
Дел од пораките упатени преку транспарентите се однесуваа и на прашањето за мерењето на загадувањето, со критики дека реалната состојба не се прикажува соодветно и дека граѓаните со години се изложени на штетни емисии. Присутните истакнаа дека не можат да прифатат состојба во која, како што рекоа, „не можеме да дишеме од профит“, нагласувајќи дека правото на чист воздух е основно човеково право, а не привилегија.
Фото: Фејсбук




