Кирил Буданов, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, изјави дека украинска делегација заминала на преговори во Женева.
На пат кон Женева. Нè очекува следната рунда преговори. На патот, заедно со колегите, ќе ги разгледаме лекциите од нашата историја и ќе бараме правилни заклучоци. Интересите на Украина мора да бидат заштитени, рече тој, пренесува Телеграф.
Буданов, исто така, сподели фотографија направена покрај воз со колегите додека патуваат за Женева, за следната рунда разговори со претставници на САД и Русија.
Во вечерниот говор на 12 февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за нов состанок со руската делегација за да се работи на завршување на војната.
Во соопштението за исходот од трилатералните разговори во Абу Даби на 4 и 5 февруари се вели дека делегациите од САД, Украина и Русија разговарале за методите за спроведување на прекин на огнот и следење на прекинот на непријателствата.
По разговорите во Абу Даби, САД и Русија се согласија да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Дмитро Литвин, советник на Зеленски, им потврди на новинарите дека следната рунда преговори меѓу Украина, Русија и САД ќе се одржи на 17 и 18 февруари во Женева.
Рустем Умјеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, изјави дека украинската делегација започнала со подготовките за состанокот.
The post Украинска делегација заминува на преговори во Женева со САД и Русија appeared first on Во Центар.




