„Иран Интернационал“ вчера објави дека синот на убиениот ајатолах Али Хамнеи е избран за нов врховен лидер на Иран, но засега се уште нема официјална потврда на оваа информација. Сепак, иако формално Советот на експерти е телото што избира врховен лидер, аналитичарите со години предупредуваат дека Моџтаба е една од највлијателните фигури зад сцената во иранскиот систем.
Иран по Хамнеи влегува во период на длабока неизвесност, откако САД и Израел започнаа војна против Иран со убиството на неговата најмоќна политичка фигура.
Сепак, поделената опозиција и нејасните цели на Вашингтон оставаат отворено прашање кој би можел да го води Иран во евентуален постклерикален политички систем.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Иранците да се кренат и да „ја преземат својата влада“, во рамки на операцијата наречена „Епски бес“. Но, неговата администрација испраќа контрадикторни сигнали за тоа дали промена на режимот навистина е цел на Вашингтон.
Поделени реакции во Иран
Многу Иранци ја слават смртта на лидерите на Исламската Република, но се длабоко поделени околу тоа кој би требало да ги наследи, додека властите брзо се обидуваат да именуваат нов врховен лидер.
Во исто време, државните медиуми објавуваат снимки од провладини собири во некои градови, пишува AFP.
Потисната и фрагментирана опозиција
„До денес ниту еден опозициски лидер не успеал да создаде широка коалиција што би ја обединила фрагментираната опозиција“, изјави Али Ваез, директор на Иранскиот проект во Меѓународната кризна група.
Во самиот Иран опозициските лидери се потиснати или затворени, како добитничката на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади.
Меѓу големата иранска дијаспора исто така нема консензус, а честопати има и остри ривалства.
„Сведоци сме дека опозицијата станува сè пополаризирана“, изјави Махмуд Амири-Могадам, директор на норвешката невладина организација Iran Human Rights.
Прашањето што се отвора во Иран по Хамнеи е кој ќе ја преземе контролата врз системот што со децении го обликуваше политичкиот и религиозниот живот во земјата.
Реза Пахлави без јасна поддршка
За време на протестите во Иран во последните години, демонстрантите често го скандираа името на Реза Пахлави, најстариот син на иранскиот шах соборен во револуцијата во 1979 година.
Пахлави, кој живее во САД, се претставува како можен лидер на демократска транзиција во Иран, но според аналитичарите нема јасен консензус дека тој може да ги обедини различните опозициски струи.
Тој останува контроверзна фигура, бидејќи е критикуван за поддршката кон Израел и не се дистанцирал од авторитарното владеење на неговиот татко.
Неговите поддржувачи често се судираат со други опозициски групи, особено со организации на етничките малцинства, кои според експертите не би го прифатиле Пахлави.
„Нема шах, нема мули“
Организацијата Народни муџахедини на Иран (МЕК), поранешни сојузници на револуцијата, денес забранети во Иран и означени како терористичка организација, организираше протести со слоган:
„Нема шах, нема мули“.
МЕК се обидува да се претстави како водечка опозициска сила, но многу Иранци ја презираат затоа што во војната Иран-Ирак во 1980-тите се борела на страната на Ирак.
И МЕК и Пахлави имаат одредена поддршка меѓу американски политичари, но Трамп досега не поддржал јавно ниту една опозициска фигура.
Трамп без јасен фаворит
Запрашан за Пахлави, Трамп беше воздржан:
„Некои луѓе го сакаат, но не сме размислувале премногу за тоа“, изјави тој.
Трамп даде сигнал дека Вашингтон можеби би претпочитал лидер од самата земја, а не фигура од егзил.
„Мислам дека некој однатре би бил попогоден. Некој што е таму и што е популарен во моментот – ако таква личност постои“, рече Трамп.
Но, тој не понуди конкретна алтернатива.
Повик за нови протести
Реза Пахлави ги повика Иранците да бидат подготвени повторно да излезат на улиците, додека организацијата МЕК објави привремена влада по убиството на врховниот лидер Али Хамнеи.
Сепак, многу Иранци кои учествуваа во протестите имаат поедноставна цел.
„Засега само сакаме да се ослободиме од оваа власт“, изјави еден демонстрант за AFP за време на протестите.
„Подоцна ќе седнеме и ќе размислиме што понатаму.“
Иран по Хамнеи: Кој може да го наследи врховниот лидер
По убиството на врховниот лидер Али Хамнеи, едно име сè почесто се споменува како можен наследник на најмоќната позиција во Иран – неговиот син Моџтаба Хамнеи.
„Иран Интернационал“ вчера објави дека синот на убиениот ајатолах Али Хамнеи е избран за нов врховен лидер на Иран, но засега се уште нема официјална потврда на оваа информација.
Сепак, иако формално Советот на експерти е телото што избира врховен лидер, аналитичарите со години предупредуваат дека Моџтаба е една од највлијателните фигури зад сцената во иранскиот систем.
Неговото потенцијално доаѓање на власт би било историски пресврт, бидејќи Исламската Република официјално се претставува како револуционерен систем, а не како наследна власт.
Кој е Моџтаба Хамнеи
Моџтаба Хамнеи е помладиот син на Али Хамнеи, роден во 1969 година.
За разлика од својот татко, кој има долг јавен политички профил, Моџтаба ретко се појавува во јавноста, но во Техеран се смета дека има значително влијание врз Револуционерната гарда (IRGC), делови од безбедносниот апарат и религиозните институции блиски до режимот.
Некои западни аналитичари долго време го опишуваат како „човекот во сенка“ на иранската власт.
Контроверзна можност
Идејата дека син би го наследил таткото на најмоќната позиција во земјата е многу чувствителна во Иран.
Во иранската политичка култура често се повторува аргументот дека револуцијата од 1979 година го соборила шахот токму за да се избегне наследна власт.
Затоа критичарите предупредуваат дека изборот на Моџтаба Хамнеи би можел да изгледа како претворање на Исламската Република во религиозна династија.
Поделени реакции во иранската елита
Според аналитичарите, дел од политичката елита и безбедносните структури би можеле да го поддржат Моџтаба затоа што гарантира континуитет на системот,, има силни врски со Револуционерната гарда и е дел од внатрешниот круг на режимот.
Но други фракции во режимот се против таква опција, бидејќи би можела да предизвика дополнителни политички тензии и протести.
Што значи тоа за иднината на Иран
Прашањето за наследникот на Хамнеи доаѓа во момент кога Иран се соочува со воени удари од САД и Израел, длабоки внатрешни политички поделби, силна опозиција во дијаспората, и растечко незадоволство кај дел од населението.
Токму затоа иднината на Иран по Хамнеи ќе зависи од тоа дали режимот ќе се консолидира околу нов лидер или земјата ќе влезе во период на длабока политичка трансформација.





