Бран израелски воздушни напади врз Техеран и централен Иран синоќа беа насочени кон неколку клучни ирански воени локации, вклучувајќи подземна фабрика за балистички ракети и воена академија, соопшти израелската војска (ИДФ).Според соопштението, повеќе од 80 борбени авиони на израелските воздухопловни сили фрлиле 230 бомби врз целите за време на нападот, објавува „Тајмс оф Израел“.
Меѓу целите, според ИДФ, бил и подземен објект за складирање и производство на балистички ракети, кој го управуваат стотици војници од вооружените сили на иранскиот режим.
Израелската војска, исто така, соопшти дека објектот содржел бункери и воени штабови на елементи на режимот.
Дополнително, ИДФ соопшти дека израелските сили погодиле уште едно депо за ракети, кое вклучува бункери и инфраструктура за лансирање, како и Универзитетот Имам Хосеин, воена академија на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГК), за кој ИДФ тврди дека „служи како локација за непредвидени ситуации и комплекс за состаноци на ИРГК“, вклучително и за време на војната. Додека војната влегува во нова фаза, израелската војска соопшти дека ги засилува нападите врз иранските погони за производство на оружје низ целата земја, вклучувајќи ги и оние што се користат за производство на ракети и лансери.




