Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека оваа недела земјите од Персискиот Залив искористиле повеќе PAC-3 ракети против иранските напади за неколку дена отколку што Киев добил од Вашингтон за четири години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека одлуката на САД да ги олеснат санкциите за руската нафта не помага да се заврши војната и да се постигне мир во Украина, додека бараше уверувања за поддршка во услови на војната на Блискиот Исток, објави „Ројтерс“.
Речиси две недели откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, една од клучните последици е порастот на цените на нафтата, што индиректно ѝ користи на Русија, како и стравувањата дека новиот конфликт го одвлекува вниманието од борбата на Украина против Русија.
САД во четвртокот соопштија дека привремено ќе ги укинат санкциите за руската нафта што се транспортира по море.
Само ова едно олеснување од страна на САД може да ѝ обезбеди на Русија околу 10 милијарди долари за војната. Тоа сигурно не помага да се постигне мир – изјави Зеленски на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.
Конфликтот со Иран, исто така, отвори прашања за непосредното снабдување на Украина со оружје, особено со системи за противвоздушна одбрана, од западните партнери, бидејќи земјите од Персискиот Залив ги трошат сопствените резерви за да одбијат секојдневни напади од Техеран.
Зеленски изјави дека тоа дополнително ќе го влоши сериозниот недостиг на ракети за противвоздушна одбрана во Украина. Оваа недела тој рече дека земјите од Персискиот Залив искористиле повеќе PAC-3 ракети против иранските напади за неколку дена отколку што Киев добил од Вашингтон за четири години.
Зеленски не прецизираше од каде потекнуваат тие податоци.




