Агенцијата за филм промовираше проект за доближување на домашната кинематографија до публиката, под мотото „Македонски филм. На големо платно.
Проектот се реализира во соработка со Cineplexx и предвидува бесплатни кино-проекции на македонски филмови секој понеделник, со што македонскиот филм повторно се враќа таму каде што припаѓа – на големото платно.
Секој понеделник во 18:00 часот, љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да проследат селекција од најзначајните македонски филмови во професионални кино услови, а влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети.
Програмата за април започнува со „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски (6. април), „Avec L’amour“ во режија на Илија Цветковски (13. април), „Господ постои, името и’ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска (20. април) и „Хомо“ во режија на Игор Иванов (27. април).




