Украинските сили во текот на ноќта започнаа ракетен напад и напад со дронови од големи размери врз повеќе руски региони, наводно погодувајќи локации клучни за рускиот воено-индустриски комплекс, објавија руските медиумски канали на „Телеграм“.
Фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи од локалните жители наводно прикажуваат голем пожар кој избувнал во АД „ВНИИР-Прогрес“ во Чебоксари, Чувашката Република, руски државен институт кој произведува компоненти за високопрецизно оружје кое Москва го користи за напади врз Украина, пренесе „Кијив индепендент“.
Во областа на објектот се слушнале експлозии по тревогата за воздушен напад со која била најавена ракетна закана во регионот. Руските медиумски канали на „Телеграм“ објавија дека ракета од типот ФП-5 „Фламинго“ (FP-5 Flamingo) од украинско производство нанела штета на објектот.
Подоцна, околу 7:30 часот по локално време, жителите забележале како украински дронови повторно го погодуваат објектот.
Локалниот гувернер Олег Николаев изјави дека еден човек е повреден во нападот на Чебоксари.
Според Генералштабот на Украина, институтот, кој се наоѓа на околу 1.200 километри од украинската граница, развива и системи за електронско војување, вклучувајќи ги и антенските низи „Комета“, кои се користат за попречување на сателитски, радио и радарски сигнали.
Според последните извештаи, во пресрет на рускиот Ден на победата, Украина изврши масовни напади со дронови и со ракети длабоко на руска територија. Главна цел беше рафинеријата во Кириши, клучна за снабдување на војската со гориво, каде што НАСА регистрираше пожари и покрај руските тврдења за стотици соборени летала.
Нападите предизвикаа прекин на летовите на 18 руски аеродроми.
Притоа, Киев ја користи својата моќна ракета „фламинго“ со дострел од 3.000 километри.
Овие координирани удари следат веднаш по неодамнешниот длабок напад со дрон врз станбена зграда во самиот центар на Москва, на само неколку километри од Кремљ и Министерството за одбрана на Русија.




