Од 10 до 27 јуни анкетарите на агенцијата Маркет вижн, по нарачка на МКД.мк, спроведоа истражување на јавното мислење во Македонија кое покажа дека владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и натаму се во убедливо водство во однос на довербата на гласачите. Интересен е и податокот дека лидерите на новата политичка партија Влен се во предност во однос на лидерот на опозициската ДУИ.
На прашањето за која политичка партија ќе гласате на наредните избори, од одговорите на испитаниците произлегува дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 20,5 отсто, за СДСМ 6,2 отсто, за ДУИ 5%, за Влен 4,4%, Левица 2,9 и ЗНАМ 1,5 отсто.
Ако се издвојат рејтинзите на партиите кај определените испитаници (497 од 1.200), соодносот на предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ е речиси еднаков. Рејтингот на Влен брзо се приближува до популарноста на ДУИ меѓу гласачите Албанци во Македонија.
И кај лидерите на политичките партии последниве години убедлива е предноста на Христијан Мицкоски во однос на останатите. Изет Меџити и Билал Касами како претседатели на Влен имаат поголем рејтинг од Али Ахмети, лидерот на ДУИ.




