Италијанскиот тенисер Јаник Синер го одбрани трофејот на Вимблдон откако во финалниот меч го совлада Александар Зверев со 3:1 во сетови, односно 6-7, 7-6, 6-3 и 6-4. Со овој триумф, прворангираниот играч на светот ја потврди својата позиција на врвот и стигна до петтата гренд слем титула во кариерата.
Иако Синер го загуби првиот сет по тај-брејк, тој успеа да го добие вториот сет на идентичен начин, по што целосно ја презеде контролата врз натпреварот и доминираше до самиот крај. Ова е прва голема титула за Италијанецот оваа календарска година, иако во 2026 година победи на сите АТП 1000 турнири на кои учествуваше.
Претходно, Синер се соочи со неуспеси на големите турнири годинава, откако во јануари беше елиминиран во полуфиналето на Австралија опен, а во второто коло на Ролан Гарос претрпе изненадувачки пораз поради проблемите со големите горештини во Париз. Како потврда за неговата подготвеност на тревната подлога во Лондон е фактот што во текот на целиот турнир загуби само три сета, вклучувајќи го и убедливиот триумф против Новак Ѓоковиќ во полуфиналната фаза.
Германецот Зверев, кој е трет на светската ранг-листа, со овој пораз ја пропушти можноста да стане првиот тенисер во професионалната ера кој успеал да ја освои својата втора Гранд слем титула веднаш на следниот голем турнир по освојувањето на првата. По овој дуел, меѓусебниот скор на Синер против Зверев се зголеми на 11 победи и 4 порази во корист на италијанскиот тенисер.




