Полскиот премиер Доналд Туск повика на прекин на ксенофобичните напади врз Украинците во Полска, откако во таа земја, во текот на изминатите недели, се случија низа инциденти поврзани со зголемените тензии меѓу Варшава и Кијив.
Туск се огласи откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како тројца Полјаци тепаат Украинец и неговата девојка во Вроцлав, наводно по расправија во продавница, пренесува Ројтерс.
Двајцата напаѓачи се уапсени.
„Секој што врши такви грозоморни дела постапува директно спротивно на интересите на Полска. Вие работите против Полска, во корист на Русија и во корист на полскиот и украинскиот национализам, изјави Туск на седницата на владата.
Според агенцијата, иако Варшава останува цврст поддржувач на Кијив, Украинците што живеат во Полска во последниве години се соочуваат со зголемено непријателство од јавноста, бидејќи почетниот бран на сочувство по избувнувањето на конфликтот во Украина отстапи место на заморот од украинските бегалци.
Односите се затегнати и поради одлуката на Украина да именува воена единица по група националистички бунтовници од Втората светска војна кои во Украина се почитувани поради борбата против нацистите и Советите, но кои во Полска учествувале во масакри врз Полјаци.



