Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Пелинце порача дека Македонија никогаш не победувала кога сме биле поделени, туку кога се обединувала околу голема цел, нагласувајќи дека така било во Крушево, на АСНОМ, така мора да биде и денес, бидејќи, како што рече, има работи кои се поголеми од секоја политичка партија, функција или сечиј мандат.
Затоа денес сакам да кажам нешто што длабоко го чувствувам. Никогаш не сме победувала кога сме биле поделени. Македонија победувала кога знаела да се обедини околу голема цел. Така било во Крушево. Така било на АСНОМ. Така мора да биде и денес. Затоа што има работи што се поголеми од секоја политичка партија. Поголеми од секоја функција. Поголеми од секој мандат, од секој поединец. Тоа е нашата татковина. Тоа е домот што ни го оставиле генерациите пред нас и што ние сме должни да им го предадеме на генерациите по нас уште посилен, уште попросперитетен и уште подостоинствен – нагласи Мицкоски во обраќањето во Пелинце по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
И токму нашата борба, продолжи премиерот, денес не е борба против некого, туку е борба за нешто, за држава во која институциите ќе бидат посилни од поединците, во која законот ќе биде посилен од привилегијата, во која знаењето ќе биде поважно од партиската книшка, успехот ќе биде резултат на труд, а не на врски, во која ќе владее правдата, а не стравот, во која секое дете ќе има причина да сонува, а секој родител причина да верува дека неговото дете има иднина токму овде, рече Мицкоски.




