Од новата фестивалска визија и меѓународните филмски имиња, до наградените авторски остварувања – возобновениот Скопје Филм Фестивал го заокружи своето издание со јасна амбиција за посилно регионално и меѓународно присуство.
Ана Василевска
Филмскиот фестивал е многу повеќе од збир на проекции во неколку фестивалски вечери. Тој е простор во кој се среќаваат различни кинематографии, авторски погледи, култури и искуства, место каде што филмот излегува од рамката на платното и станува повод за дијалог. Токму во таа насока, со нова енергија, обновена организациска структура и амбиција за меѓународно позиционирање, заврши 26. издание на Скопје Филм Фестивал (СФФ), кој на 9 ноември, во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар (МКЦ), ги соопшти годинешните фестивалски лауреати.
Под ново раководство, со нов Фестивалски совет и тим од домашни и меѓународни филмски професионалци, Скопје Филм Фестивал оваа година отвори ново поглавје во своето повеќедецениско постоење. Спојувајќи ја воспоставената регионална традиција со свежа креативна енергија, фестивалот ја потврди својата позиција како значајна културна платформа за независниот филм и меѓународната размена. Неговата улога е особено важна и во контекст на обликувањето на регионалната филмска индустрија, но и во унапредувањето на културната агенда на „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“.
Зад новата фестивалска визија стојат директорот Томи Салковски и кураторот Николај Никитин, кои за само неколку месеци успеаја да го подготват и реализираат 26. издание. Формирањето меѓународна натпреварувачка програма, пристигнувањето странски делегации и организацијата на мастерклас-сесии претставуваа значаен организациски подвиг и потврда на посветеноста со која се гради новата ера на фестивалот.
Како дел од оваа трансформација, воспоставен е и нов Меѓународен фестивалски совет, чија задача е долгорочно стратешко насочување на фестивалот и зајакнување на неговите глобални партнерства. Советот го сочинуваат истакнати европски и светски филмски професионалци: Томи Салковски, Николај Никитин, Благоја Куновски, Мирослав Могоровиќ и Филип Бергсон.
Меѓународна селекција и ново фестивалско признание
За квалитетот на натпреварувачката програма одлучуваше меѓународно стручно жири составено од имиња со значајно искуство во филмската индустрија: Стив Абот, продуцент од Обединетото Кралство, Даниела Вебер, селекторка и фестивалска консултантка од Германија, Павле Вучковиќ, режисер и сценарист од Србија, како и Лабина Митевска, актерка и продуцентка, и Даријан Пејовски, режисер и сценарист од Северна Македонија.
Една од новините на годинешното издание беше востановувањето на наградата „Златна Скополија“, признание за извонреден придонес кон светската кинематографија. Замислена како престижна награда за автори чии смели уметнички визии оставиле траен белег во филмската уметност, таа го носи името на реткото ботаничко наследство, автохтоно за овој регион. „Златна Скополија“ ги симболизира креативноста, реткоста и уметничката истрајност.
Првите добитници на ова признание беа полското филмско дуо, режисерката Малгоржата Шумовска и директорот на фотографија и режисер Михал Енглерт. Наградите им беа врачени на свеченото отворање на фестивалот, како признание за нивниот длабок и бескомпромисен уметнички придонес во современиот светски филм.
По свеченото отворање, втората фестивалска вечер донесе и премиерно прикажување на филмот „17“ во режија на Косара Митиќ, еден од најнаградуваните и најзабележаните современи македонски филмски проекти.
Во текот на фестивалската недела, публиката имаше можност да проследи богата и внимателно курирана програма, составена од меѓународни фестивалски хитови, европски кратки филмови во рамките на селекцијата EFA Shorts и значајни регионални авторски остварувања. Меѓу клучните натпреварувачки наслови беа „Нема рај ако те убие жена“ на Халкавт Мустафа, „Чувство на дом“ на Габор Холтаи и „Тивки ноќи“ на Лоренс Фахардо.
Програмата беше надополнета со три мастерклас-сесии во МКЦ Клуб, кои отворија простор за непосредна размена на професионални искуства и знаења. Меѓу гостите беа српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ и меѓународниот филмски експерт Ники Никитин, кој зборуваше за предизвиците на дистрибуцијата на дебитантските филмови и стратегиите за нивно позиционирање на фестивалскиот пазар.
Филмските приказни што ја одбележаа годината
Кулминацијата на фестивалот се случи на 9 ноември, на свеченото затворање во киното „Фросина“, кога меѓународното жири ги соопшти наградите и ги образложи своите одлуки.
Наградата за НАЈДОБАР ФИЛМ му припадна на „Нема рај ако те убие жена“ на Халкавт Мустафа. Во образложението, жирито го истакна филмот како „чисто кинематографско дело кое носи моќна, автентична перспектива за курдските жени-борци кои го победуваат екстремизмот преку фундаменталниот страв дека ‘Нема рај ако те убие жена’“.
Наградата за НАЈДОБРА РЕЖИЈА ја освои Габор Холтаи за филмот „Чувство на дом“. Според жирито, станува збор за автор кој на големото платно мајсторски пренесува алегорија за систематската државна репресија, која иронично носи чувство на дом.
Специјално признание во селекцијата „Дијалози“ му беше доделено на филмот „Тивки ноќи“ на Лоренс Фахардо. Жирито го истакна живописниот приказ на бруталните одреди на смртта за време на режимот на Дутерте на Филипините, оддавајќи му признание на авторот за начинот на кој ја обработува оваа тешка историска и општествена тема.
Покрај наградите на меѓународното жири, Фестивалскиот совет додели и СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА за филмот „Отфрлен“ на Винсент Гарено. Филмот со исклучителна сензитивност раскажува вистинска приказна за неодамнешниот трагичен напад врз професор во француско средно училиште. Станува збор за незаборавно филмско остварување кое во Скопје пристигна директно од Канскиот филмски фестивал во 2026 година.
Со доделувањето на наградите, 26. Скопје Филм Фестивал го заокружи своето издание, оставајќи зад себе програма што ги поврза локалната публика и авторскиот филм со поширокиот меѓународен кинематографски контекст.
Следното, 27. издание на Скопје Филм Фестивал е закажано од 12 до 17 октомври 2027 година.
Скопје Филм Фестивал – традиција, трансформација и иднина
Основан во 1998 година, Скопје Филм Фестивал повеќе од две децении ја развива филмската култура и ја поврзува домашната публика со современата светска кинематографија. Како препознатлив културен бренд и значајна платформа за авторски филм и нови уметнички изрази, фестивалот годишно привлекува меѓу 6.000 и 10.000 посетители, како и бројни домашни и странски филмски професионалци.
Од оваа година, фестивалот влегува во фаза на трансформација и осовременување на програмската структура и визуелниот идентитет. Со новиот меѓународен фестивалски совет и тим составен од истакнати професионалци од Европа и светот, Скопје Филм Фестивал ја зајакнува својата позиција како еден од водечките културни двигатели во регионот и како еден од темелните столбови во реализацијата на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.





