Протест против насилството врз жените се одржа во саботата во Охрид, по физичкиот напад врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска. Со паролите „Охрид не молчи“ и „Ниту една повеќе“, граѓаните побараа одговорност од институциите и ефикасна заштита на жртвите.
На протестот присуствуваше и таткото на Сара, Љупчо Ѓорѓиески, кој покажа фотографија од повредите на својата ќерка. Против Кристијан Корабоски е поднесено обвинение за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Тој е во 30-дневен притвор, а судењето е закажано за 27 ноември.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против маж кој на 10 ноември физички ја нападнал својата партнерка, по што побегнал од полициска станица. Обвинителството побара продолжување на притворот.
Мајката на нападнатата девојка од Битола, Бети Ангеловска, на протестот во Скопје побара институционална заштита за својата ќерка, предупредувајќи на опасноста од повторување на насилството.
По последните случаи, претставници на обвинителството и надлежните министерства договорија мерки за побрза координација и процена на ризикот. Истовремено, во Собранието беше одбиен амандман за дополнителни 1,5 милиони евра за тимови за постапување во случаи на семејно насилство.
Во првите девет месеци од годината се евидентирани 1.433 жртви во случаи поврзани со семејно насилство, од кои 1.144 се жени.
Иницијативата „Ниту една повеќе“ најави нов протест на 25 ноември во Скопје.
ФРОНТЛАЈН ПРЕС




