Уметничката формација Кооперација, овој пат во проширен состав најавува нова изложба со наслов „Каде се сите?“.
Во фокусот на најновиот проект на Кооперација е прашањето за политичката улога на уметноста и нејзиниот критички однос кон проблемите важни за целото општество.
Уметниците учесници Дијана Томиќ Радевска, Мирна Арсовска, Христина Иваноска, Ивана Драгшиќ, Александар Спасоски, Оливер Мусовиќ, Игор Сековски, Борис Шемов, Симон Узуновски, Игор Тошевски, групата ОПА, Ѓорѓе Јовановиќ, Никола Узуновски, Филип Јовановски и Владимир Јанчевски ги тематизираат прашањата за автономијата на уметникот, да делува како уметник по сопствено убедување, спремен да се соочи со сите последици.
“И светот на уметноста, без оглед на строгата специјализација на сопствениот дискурс, била и е борбено поле со силно изразени антагонизми“, велат од Кооперација
Тоа што во теоријата е одамна елаборирано, станува сè појасно и сè повеќе влијае врз уметничката пракса: уметноста, без разлика дали ги тематизира политичките релации, имплицитно или експлицитно е политика. Свесноста за ваквата состојба, го насочува делувањето на уметникот кон политичкото и ја отвора можноста за искористување и на ова средство за еманципација и отпор против потчинувањето од страна на сéопфатниот општествен спектакл.
„Во нашиот локален контекст, современата уметност е во постојана состојба на маргиналност, а уметникот е приморан да изнајде начин како да ги надмине антагонизмите во сопствениот домен, истовремено обидувајќи се да ги лоцира, да ги разбере и да се обиде да даде одговори и на противречностите во поширокиот општествен контекст. “Каде се сите?“, е прашање насочено кон можностите за дефинирање на улогата на уметничкиот чин како критички чекор свртен кон деконструкцијата на системите на моќ, но и обид за креирање на паралелени, алтернативни простори за делување. Имајќи предвид дека се срушени сите илузии дека уметноста може да биде сфатена како домен целосно издвоен од животот, “Каде се сите?“ се обидува да проговори за специфичните услови во кои уметникот се обидува да го дефинира и проблематизира уметничкото во рамки на политичкиот дискурс.
Денес, кога јавниот простор и глобално и локално е под удар на корпоративниот маркетинг и политичката пропаганда, уметниците се принудени да ги претворат сите достапни приватни простори во јавни, еден вид заеднички арени каде индивидуалните ставови и вредности би можеле да се преиспитуваат токму преку интензивирана комуникација“, пишува во најавата за оваа изложба.
Изложбата „Каде се сите?“ е најавена за во сабота од 19 до 22 часот во просториите на Туристички сојуз, на улица Даме Груев бр.5 (мезанин)
Освен изложба ќе се одржи и јавна дискусија на тема: “Уметност и/или политика: Двојното кодирање како предизвик или парадокс?” најавена за недела, 17 март, со почеток во 12 часот, на истата локација.Учесници се Небојша Вилиќ, историчар на уметност, Сафет Ахмети, историчар на уметност и Харалд Шенкер, аналитичар, модератор е Владимир Јанчевски.