Затварањето балканската рута, а со тоа и на македонско-грчката граница, остави неколку десетици илјади бегалци заглавени во Грција, што создаде услови за шверц и трговијата со луѓе од разни криминални банди. Грчките медиуми пишуваат дека на црниот пазар цената за едно лице, особено за тие од Авганистан, за да биде илегално префрлено во Албанија се движи од 3000 до 4000 евра.
Но, што се случува со децата кои патуваат сами без придружба. На многу од нив им се губи трагот откога ќе бидат регистрирани во некоја од земјите. Најмалку 10.000 деца бегалци кои патувале без придружба се исчезнати по пристигнувањето во Европа, говорат податоците на Агенцијата за криминалистичко разузнавање на ЕУ. За многу од нив се стравува дека паднале во рацете на организирани групи кои вршат трговија со луѓе.
Нема официјални податоци што се случувало во Македонија, дали има исчезнати деца во овој регион. Но, според УНХЦР само во периодот од средината на декември минатата година до почетокот на февруари годинава биле идентификувани 358 деца без придружба и одвоени деца во транзитните центри на Табановце и Винојуг во Гевгелија. Половина од нив, 51 процент биле од Авганистан, 38 проценти од Сирија, 10 проценти од Ирак и 1 процент од Иран. Фрапантен е податокот што 79 проценти од нив патувале без никаква придружба, а 21 процент изјавиле дека патуваат со некој роднина или познаник.
Што се случува со децата кои патуваат сами без придружба? На многу од нив им се губи трагот откога ќе бидат регистрирани во некоја од земјите. Најмалку 10.000 деца бегалци кои патувале без придружба се исчезнати по пристигнувањето во Европа
Сепак, се знае дека во Македонија, особено во делот на Лојане и Матечје има куќи во кои се чуваат бегалци со денови и месеци, таму престојуваат се додека илегално не бидат префрлени во Србија, плаќаат одредена сума за тоа, многумина се уценувани и им се изнудуваат големи суми пари. Од таму излегоа некои скандалозни видеа, а се обидоа да снимаат и некои странски телевизии. Нормално, пристапот не им беше дозволен.
Но, што ќе биде со овие луѓе, сега откако се затворија сите граници. Извори на НОВА тврдат дека токму зголеменото присуство на полиција и посетата на Матејче од страна на министерот Оливер Спасовски минатата недела е токму со цел да се воспостави контрола на теренот. Министерот не ги прецизираше деталите за оваа акција.
„Имaме згoлеменo присуствo нa теренoт бидејќи вo oвoј периoд имaме сериoзни предизвици, и вo Мaкедoнијa и вo региoнoт имaме бегaлскa кризa. Вo рaмките нa сите oвие aктивнoсти, полицијата има згoлеменo присуствo oвде вo кумaновскиoт-липковскиот и вo скoпскиoт региoн, се сo цел дa се oбезбеди пoгoлемa сигурнoст нa грaѓaните нa Македонија. Имaме сoрaбoткa и сo грaѓaните oд oвoј региoн и требa сите дa бидaт спoкoјни. Немa пoтребa дa се сoздaвa стрaв“, изјави тогаш министерот Спасовски.
Децата кои патуваат без придружба се најголемиот проблем во бегалската криза. Шефот на кабинетот на Европол, Брајан Доналд изјави дека илјадници деца се исчезнати откако биле регистрирани од државните органи. Тој предупреди дека софистицираната “криминална инфраструктура” сега е насочена кон бегалците.
Брајан Доналд, Европол
„Околу 5.000 деца исчезнале во Италија , додека уште 1.000 се водат за исчезнати во Шведска.Неразумно е да се каже дека ние сме во потрага на 10.000 деца. Ние едноставно не знаеме каде се, што прават или со кого се “, изјави Брајан Доналд за британски Обсервер.
Според организацијата „Спасете ги децата“, околу 26.000 деца без придружба минатата година влегле во Европа. Еуропол, кој располага со 900 припадници на разузнавачките аналитичари и офицери за врска во полицијата, верува дека 27 проценти од сите пристигнувања во Европа , лани биле малолетни деца.
“Без разлика дали се регистрирани или не, ние зборуваме за 270.000 деца. Не сите од нив се без придружба, но ние имаме доказ дека голем дел можно е да патувале сами “, рече Доналд.
Во октомври минатата година, властите во Трелеборг, јужна Шведска, објавија дека околу 1.000 деца бегалци без придружба кои пристигнале во пристаништето на градот во текот на претходниот месец се водат за исчезнати. Во уште еден посебен извештај, повторно од Шведска, се вели дека голем број деца без придружба се исчезнати и дека имало “многу малку информации за она што се случува по исчезнувањето”.
Доналд потврди дека Европол има докази дека некои деца бегалци во Европа биле сексуално злоупотребувани. Во Германија и Унгарија, поранешна популарна дестинација за бегалците и мигрантите, голем број на криминалци биле фатени во искористување на мигрантите.
Во Велика Британија бројот на деца кои се исчезнати веднаш по пристигнувањето како баратели на азил е двојно зголемен во текот на изминатата година. Тоа ги зголемува стравувањата дека тие се, исто така, жртви на разни криминални банди.
Според истрагата, целата криминална инфраструктура се развила во текот на изминатите 18 месеци, со цел за да се искористи протокот на бегалци и мигранти.
Меѓаши: Исчезнувањето на повеќе од 10.000 деца бегалци кои патувале без придружба во европските земји претставува поразителен факт не само за демократскиот систем туку и за безбедносниот.
Европол располага со документирани податоци за организирани банди кои шверцуваат бегалци, вршат трговија со луѓе, сексуално ги злоупотребуваат или ги држат во заробеништво бегалците.
“Оние што беа активни во шверц на луѓе сега се појавуваат во нашата евиденција за криумчарење на мигранти”, вели Доналд.
Европол најави дека работи на обезбедување на докази од организации за исчезнувањето на деца на патот по „балканската рута“.
Загриженоста е заради бројот на малолетни лица кои патуваат без придружба. Тие бараат помош во идентификување на овие деца“, рече Доналд и ја предупреди јавноста да бидат внимателни, бидејќи овие деца можеби се во заедницата, ако тие се злоупотребуваат, тоа е во заедницата, тие се видливи.
Според официјалната статистика, во Македонија е зголемен бројот на жени и деца кои пристигнувале како бегалци. Минатото лето 75 проценти од бегалците биле мажи, но во последниот период две третини од нив се жени и деца.
„Исчезнувањето на повеќе од 10.000 деца бегалци кои патувале без придружба во европските земји претставува поразителен факт не само за демократскиот систем туку и за безбедносниот. Само во изминатиот месец 62 илјади бегалци влегле преку Грција во Македонија и другите западно-европски земји од кои 60 проценти се мајки и деца. Она што не запрепасти е не само податокот што го даде Европол, туку како е можно криминалните структури во западно-европските земји кои постојат, да се инкорпорираат во безбедносниот систем. Да биде толку порозов безбедносниот систем да можат да киднапираат, грабнуваат, да се занимаваат со трговија со деца, детски органи, секс туризам, детска проституција, детска порнографија, нелегално посвојување, злоупотреба на децата и нивниот труд во гиганти фабрики во конфециската индустрија“, изјави за НОВА Драги Змијанац, извршен директор на Првата детска амбасада “Меѓаши“.
Тој смета дека овие криминални банди се врзани со Сирија и Ирак од каде транзитираат бегалците, добиваат информации и ги искористуваат слабостите на овие страдалници кои бегаат од пеколот на војната.
Според Змијанац, не смее да се дозволи децата да транзитираат без родител, без најблизок во семејството, на нив треба да им се назначи по законска основа старател кој ќе го гарантира сигурниот транспорт и транзит од границата на влегување до границата на излегување.
„Дали тоа доволно се почитувало, немам информации но, знам дека, само минатата година во Македонија имаат влезено 9.880 деца. Веројатно, бројката во меѓувреме се зголемува и оваа бројка од десет илјади е регистрирана, но сигурно, тука има и сива бројка, затоа што веќе добиваме информации за исчезнати и грабнати деца во Германија, Италија, деца на кои не им се знае трагата, рече Змијанац.
Детската амбасада „Меѓаши“ работи на помагање на децата бегалци, со психолошка и друга помош, затоа што сметаат дека најмногу така може да им се помогне со пронаоѓање на нивните родители.