Денешното сослушување на осомничените во случајот „Тврдина“, меѓу кои е и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, двајца началници во МВР и архивар, по четири часа е прекинато.
Според информациите од Судот, на судијата на претходна постапка не му било добро, па тие дополнително ќе бидат повикани за продолжување на сослушувањето.
– Не се чувствувам виновна ниту по наводите од овој ниту пак, за претходниот случај на СЈО. Додека бев министер, должноста ја извршував чесно, професионално и во интерес на Република Македонија, изјави Јанкулоска по напуштањето на Судот, додавајќи дека случаите се дел од политичката агенда на СЈО.
Судија на претходна постапка денеска требаше да донесе одлука по барањето на СЈО на осомничените во случајот за уништување на комуникациска опрема да им бидат одредени мерки на претпазливост.