Постои директно учество на високи владини и партиски претставници во нелегални активности и корупција. Ова е на кратко заклучокот во делот за Македонија во најновиот Извештај за човекови права на американскиот Стејт департмент.
– Изминатата година имаше веродостојни извештаи дека Владата се мешаше во судски случаи во кои се вклучени високи функционери кои ја злоупотребиле својата положба со цел да заплашат клучни опозициски лидери. Полициската и судската корупција останува голем проблем. Јунскиот извештај составен од експерти од Европската комисија посочија на „очигледно директно учество на високи владини и партиски претставници во нелегални активности и корупција“, се наведува меѓудругото во Извештајот.
Во заклучоците од Извештајот, Стејт департментот забележува дека најзначајни проблеми во однос на човековите прави остануваат вклученоста на високи функционери во корупција и непочитувањето на владеењето на правото од страна на Владата, вклучувајќи ги тука и нејзините напори да ја ограничи медиумската слобода, да се меша во судството и селективно да ја спроведува правдата.
– Политичко мешање; неефикасност; непотизам; пролонгирани процеси; кршење на правото на јавен судски процес; и корупција се карактеристиките што го опишуваат судскиот систем, се дел од забелешките во заклучокот на годишниот Извештај.