Демонстрантите кои и денеска во масовен број излегоа на граѓанскиот протест во моментов со боја фрлат кон Министерството за култура, револтирани до огромната сума на пари што оваа институција ја потроши во изминатиот период, јавува репортерот на НОВА Влатко Чаловски.
Пред објектот е псотавен кордон од полиција.
Демонстрантите се движат во повеќе насоки низ центарот на градот,а сообраќајот е блокиран. Инаку, пристапот до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е блокиран со две хермелинки со водени топови, метални барикади, но со помало присуство на полиција за разлика од претходните денови.
Демонстрантите постојано скандираат ”No pasaran”, а еден од присутните на разглас порача дека протестите нема да стивнат без разлика дали ќе има преговори меѓу политичките партии или не.
На протестите кои веќе втора недела се одржуваат во Скопје по одлуката на Иванов за колективна аболиција, се бара итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО); Итна и неотповиклива оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија; Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО; Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кој ќе биде надлежен за случаите под јурисдикција на СЈО; Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни; Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, како и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.