Основниот суд Скопје 1 се уште нема доставено копии од доказните материјали за случајот Пуч што ја отежнува истрагата, тврдат од СЈО.
Иако Специјалното обвинителство во неколку наврати побарало копии од доказите, а за несоработката поднеле жалба и до Апелационен суд, сепак до денеска тие немаат копии од доказите, ниту им се доставувала документација во бараниот рок.
-Во многу незавидна ситуација сме. Иако постојано се обидуваме како Обвинителство проактивно да постапиме, оневозможени сме од Основниот суд Скопје 1. Баравме да ни бидат доставени копии од доказите и не ни беа доставени. Предметот по жалба отиде до Апелационен суд кој јасно укажа дека Основниот суд ги повредил законските одредби кога одбил да ги предаде копиите на доказите. И покрај ваквиот факт, до ден денеска доказите не ни се доставени, изјави на денешната прес-конференција обвинителката Ленче Ристовска.
Од Основен суд Скопје 1 во писмена реакција велат дека Апелациониот суд не може да издаде наредба за дејствија на Кривичниот суд, туку само напатствија што ќе ги има во предвид понискиот суд при повторно одлучување.
Оттаму посочуваат дека решението на судечкиот совет за запирање на постапката согласно одлуката на Претседателот на Р.М. за аболиција, целиот предмет е пратен на надлежно постапување во Апеалциониот суд – Скопје од каде се уште не е добиена одлука и предметот не е вратен.
-Со оглед на фактот дека предметот за кој се интересирате, како што наведовме погоре, во моментов се наоѓа во Апелациониот суд, откако истиот ќе биде вратен во Кривичниот суд за сите одлуки на судечкиот совет, надлежен да постапува, навреме ќе ја информираме јавноста. Сметаме дека СЈО во оваа фаза најпрво треба да преземе мерки и активности за да се произнесе дали продолжува со постапката бидејќи досега не се произнесоа, а не на ваков начин да врши притисок врз судот како истиот да постапува, се вели во соопштението на Основен суд Скопје1.
Во предметот „Пуч“ за шпионажа и насилство врз највисоки државни органи обвинети се лидерот на опозицијата Зоран Заев, контраразузнавачот Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња Верушевска, порaнешниот вработен во тајната полиција Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски – вработен во МВР, како и Бранко Палифров вработен во општина Струмица.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев е обвинет за насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Тој се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него. И премиерот Груевски на прес-конференција директно го обвини Заев дека со уцени и закани лидерот на СДСМ го ставил на маса барањето за техничка Влада.
Груевски тврдеше дека на четири средби одржани со Заев, претседателот на СДСМ му кажал дека има снимки набавени од странски служби и со нив го уценувал премиерот да попушти за барањето за техничка влада, соопшти премиерот уште на почетокот на 2015, но подоцна тој го отфрли првичното тврдење за странски служби.