На социјалните мрежи во Македонија вечерва се појави слика на која се гледа дека дел од Градскиот трговски центар (ГТЦ) од страна на Паркот на жената борец до Порта Македонија е ограден со тараби.
Ова може да значи дека Владата одлучила да го пресоблече ГТЦ, архитектонски значаен и култен објект во Скопје, во барокно руво како што одамна најавува.
На оградата нема никакви ознаки и не е познато зошто е поставена. Според коментари на социјалните мрежи може да се работи и за реновирање на Паркот на жената борец. Но, засега нема потврда зошто е поставена оградата. Општина Центар вели дека нема таква информација но вечерва главниот инспектор на Општината излегол на терен.
Скопјани одамна протестираат поради намерата на Владата да го пресоблече ГТЦ во барок. Минатата година во април се одржа референдум на кој не беше изгласано зачувување на ГТЦ во актуелната форма. Но, борбата за негово зачувување продолжува, тврдеше лани граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“.
Пред една година, по референдумот, директорот на ГТЦ Аго Абазовски изјави дека реконструкцијата на ГТЦ нема да почне барем уште неколку месеци бидејќи во моментов се изработува физибилити студија за исплатливоста и начинот на инвестицијата.
Во почетокот на јули оваа година, Владата ја одзеде ингеренцијата на Општина Центар за ГТЦ и го прогласи за објект од посебен интерес исто како и Македонската опера и балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), заради изработка на планско урбанистичка документација за нив. Министерството за култура тогаш соопшти дека нема да има никаква промена на фасадите на МОБ и на НУБ. Но, во истото соопштение не беше спомната одлуката за преслекување во барок на Градскиот трговски центар.
По ова нема повеќе законски пречки за реновирање на ГТЦ во стил барок. Асоцијацијата на архитекти на Македонија неодамна предупреди дека овој тајминг не е случаен и дека полесно ќе се тргне во реновирање поради тоа што за време на летните одмори нема да има многу реакции и протести.
Тогаш градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски најави дека нема да дозволи ширење на барокот.
Според познавачите на досието, сите планови за почеток на работите се завршени. ГТЦ треба да добие уште еден кат со влезови со антички столбови, скулптури и три куполи на покривот.