Телата на сите загинати од поплавите се преземени од семејствата заклучно со вчера. Ова за НОВА го потврди директорот на АД Бутел Илија Филиповски.
Тој вели дека целата процедура била стандардна и демантира дека семејствата за да ги преземат телата наводно требало да потпишат изјави во кои се откажуваат дека ќе бараат обдукција.
– Таква процедура не постои и ние не сме надлежни да бараме такво нешто. Одговорно тврдам дека такво нешто нема, вели Филиповски, додавајќи дека ова го говори во име на АД Бутел, но не може да зборува за останатите над 50 оператори кои според Законот се занимаваат со оваа дејност.
Доколку некој има таков документ, според него, треба да се обрати до надлежните институции и министерства.
Сомнежот околу целата процедура на погребување на загинатите од поплавите се појави по информацијата дека вр нивните тела не е извршена обвукција за да се утврди причината за смртта. Јавното обвинителство одговарајќи на прашања на НОВА соопшти дека „нема ингеренции да постапува во услови на елементарни непогоди и во случаи каде нема сомнение за сторено кривично дело“, но дека сепак, „откако дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје беше известен од МВР – СВР Скопје за човечките жртви во поплавите тој ги даде сите потребни инструкции за постапување на полициските екипи на терен“.
– Согласно Законот за кривична постапка (член 246 став 1) – „Преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело” и со оглед на тоа што во случајот не постоеше сомнение за сторено кривично дело, надлежен јавен обвинител не издаде наредба за обдукција туку даде насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да се предадат на семејствата за погреб. Јавниот обвинител наредува обдукција само согласно Законот за кривична постапка, односно тогаш кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело, велат од Обвинителството.
Сепак нагласуваат дека според Законот за здравствена заштита, обдукција можат да побараат и други институции, како и членови на потесното семејство на жртвите.
На прашањето зошто Јавен обвинител не излегол на увид на лице место, од Јавното обвинителство повторно се повикуваат на Законот за кривична постапка, односно дека надлежен јавен обвинител раководи со увидот на лице место само во услови кога постои сомнение за сторено кривично дело.
– Во конкретниот случај станува збор за елементарна непогода и не постоеше сомнение за сторено кривично дело. Истовремено дежурниот јавен обвинител од страна на полициските екипи беше известен дека на теренот каде беа пронајдени телата не може да се врши увид и фотографирање, затоа што е непристапен и непрооден, а на истиот пристап имаат само специјални единици од МВР и од АРМ со чамци и оклопни возила, велат од Обвинителството за НОВА.