Кривичните пријави против граѓаните што го бранат паркот се неправедни и недемократски, реагира партијата ДОМ денеска преку писмено соопштение и ги повикува локалните власти го Карпош да ги остават граѓаните од Тафталиџе да го реализираат своето демократско право.
– На каков и чиј јавен интерес се повикуваат општината Карпош и Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор? Или интересот на овие сегашни жители на Тафталиџе не претставува јавен интерес за овие институции? Ако е така, тогаш чиј јавен интерессакаат да заштитат институциите? На некој инвеститор кој веќе ја пресметал добивката од изградбата на уште една чир-зграда? На оние десетина семејства што ќе купат станови доколку се изгради планираниот објект на маркицата? По кои критериуми ќе бидат привилегирани новите, на сметка на старите жители на Тафталиџе? И конечно, дали зад сева оваа бескомпромисна битка за уништување на паркот не лежи сосем приземен личен интерес на грст високи функционери од власта?, се вели во соопштението на ДОМ.
ДУП-овите ги носат луѓе и тие истите, или некои други, може да ги сменат, доколку постојат објективни причини за тоа. Јавниот интерес на граѓаните на Тафталиџе 1 да живеат во поздрава и похумана животна средина е доволна причина за промена на ДУП-от!




