Се стопираат сите активности поврзани со проектот Скопје 2014 се додека не се констатира фактичката состојба. Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски донесе одлука за мораториум и потпиша меморандум на сите градби и фирмите поврзани со овој мега проект.
Денеска е издаден и налог до инспекциските служби да излезат на терен и да ги констатираат сите градежни активности што во моментов се спроведуваат, како и изградбата на новото седиште на ВМРО-ДППМНЕ, фасадата на зградата на Владата. Сето ова со цел да се утврди евентуална инволвираност на поранешното раководство на општина Центар во издавањето на градежните дозволи.
-Се што се прави последните денови ме потсетува на времето на кога ЈНА изнесуваше се што можеше од државата. Јас дадов налог да се посетат сите места каде што се изведуваат работите и за се ќе биде информирана јавноста изјави Жерновски.
Жерновски кој денеска ја презеде функцијата најави дека наредната недела ќе биде донесена одлука за ревизија на „Скопје 2014“. На примопредавањето не присуствуваше досегашниот градоначалник Владимир Тодоровиќ, иако бил поканет од Жерновски.