Бугарската Влада и е заблагодари на досегашната кандидатка за генерален секретар на ОН, директорката на УНЕСКО Ирина Бокова и како нов канидат ја поддржа, Кристалина Георгиева, актуелна еврокомесарка за буџет и човечки ресурси.
– Бугарската Влада треба да му даде шанса на кандидат кој ќе даде поголема сила на источноевропската група. Ротацискиот принцип е многу важен и ние ќе бараме поддршка за нашата кандидатура, соопшти министерот за надворешни работи Даниел Митов.
Министерот Митов денеска рече дека актуелната кандидатка Бокова има негативна тенденција во „пласманот“, била трета, па петта, па шеста и по консултациите во владата станало јасно дека треба да се излезе со друг кандидат кој ќе има сериозни шанси да даде поголема сила на источноевропската група.
– Ако по 26 септември Бокова не е прва или втора, тогаш ќе процениме сите заедно што треба да направиме, најави недамна бугарскиот премиер Бојко Борисов.
На последната рунда гласање пред два дена Бокова беше на шестото место, две места пред македонскиот кандидат Срѓан Керим кој од четвртото падна на осмото место со шест позитивни и девет негативни поени.
На листата сe уште води поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш, втор овојпат беше кандидатот од Србија, Вук Јеремиќ, а на трето место е кандидатот од Словачка, Мирослав Лајчек.
Пред неколку дена британскиот весник Гардијан објави текст во кој ја анализираше актуелната трка за прв човек на Светската организација, при што предупреди дека многу работи се случуваат зад затворени врати, и дека трката е поплочена со интриги и мини.
Во анализата Гардијан ја најави актуелната разврска со кандидатката на Бугарија.





