Пробиени имејл адреси, лажни твитер профили, клевети и договори зад затворени врати. Вака тече досегашната трка за избор на генерален секретар на ОН.
Британскиот весник Гардијан, воочи денешната петта рунда неформално гласање во Сoветот за безбедност, пишува дека генералниот секретар ќе биде „амбасадор на мирот и глас на сиромашните и обесправените“, но тој пат до оваа висока позиција е „поплочен со нагазни мини и замки“.
Гардијан наведува дека поради геополитичката борба, но и поради балканските политички интриги, трката за генерален секретар нема да биде одлучена во последен момент, поради што и кандидатите со просечни резултати во досегашното гласање остануваат во трката макар до следниот месец кога ќе се знае како ќе гласаат постојаните членки на Советот за безбедност.
Иако поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш беше прв во досегашните четири круга од гласањето, од кои последното беше на 9 септември, кога доби 12 гласови ЗА и два негативни, сепак би можел да биде блокиран од некоја од постојаните членки, најверојатно од Русија, наведува Гардијан.
Весникот пишува дека Москва тврди дека новиот шеф на ОН треба да го даде Источна Европа, и затоа би можела да се спротивстави, на чело на светската организација, да дојде лидер од земја членка на НАТО од Западна Европа.
Минатата недела од твитер профил со име на Гутереш е наведено дека ја обезбедил поддршката од Москва, што поттикна шпекулации дека трката е завршена, но се покажа дека се работи за лажен профил.
На второто место според гласањето е словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак кој ненадејно изби на второто место откако словачкиот премиер Роберт Фицо ја посети Москва пред третиот круг од гласањето и притоа ги истакна критиките кон санкциите на ЕУ спрема Русија поради Крим.
Меѓутоа, поради тоа Лајчак би можел да добие вето од некои западни земји, пишува Гардијан.
Третопласиран е поранешниот министер за надворешни на Србија Вук Јеремиќ, кој скоро е извесно дека ќе добие вето од САД, објавува Гардијан, повикувајќи се на изјава на дипломат, додавајќи дека Вашингтон не го заборавив неговото противење на независноста на Косово, како и перцепцијата дека го искористил мандатот на чело на Генералното собрание на УН како платформа за националистичка реторика.
– На крајот, натпреварот и договарањето меѓу светските сили ќе го одлучи победникот. Подемот и падовите на неформалното гласање се видливи знаци дека се случува нешто зад затворени врати, но тоа не се изнесува во јавноста, пишува Гардијан, додавајќи дека оваа недела ривалството ќе се одлучува во бугарската престолнина.
По разочарувачките резултати на бугарската кандидатка, шефицата на УНЕСКО Ирина Бокова во досегашното гласање, зад сцената е покренат процес да биде заменета со бившата комесарка на ЕУ Кристалина Георгиева.
Бокова се жали на нечесна кампања со клевети по низата текстови во медиумите во кои таа е нападната. Залагањето на европските конзервативци на десниот центар во Европа за Георгиева, кулминира со обидот на гермaнската канцеларка Ангела Меркел да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да ја поддржи.
Обидот на германската канцеларка меѓутоа наиде на остра реакција од Москва, но и Франција која и забележа на Меркел дека се меша во нешто што Париз го смета за надлежност на Советот за безбедност на ОН, пишува Гардијан.
И Георгиева беше жртва на валкани трикови- на 9 септември беше пробиен меилот на член на нејзиниот персонал и објавено е писмо со упатства до нејзините соработници да се напаѓа Бокова.
Исходот од дуелот Бокова- Георгиева ќе го одлучи бугарскиот премиер Бојко Борисов за кого пред две недели се мислеше дека ќе ја поддржи еврокомесарката, но се предомисли и рече дека ќе почека да види како ќе помине Бокова во петтиот круг од гласањето.
Од тогаш, руските претставници работат на собирање гласови за Бокова за да ја држат Георгиева надвор од трката, наведува Гардијан.
Потенцијалното вето од некои од петте постојани членки на Советот за безбедност во битката за генерален секретар на УН се монета за поткусурување на масата на која се преговара за ривалството околу Сирија, Украина и другите судири.
– Затруената атмосфера во Советот би можела да доведе до долга битка во која најквалификуваните кадри ќе бидат жртви, што ќе им отвори пат на просечните, пишува Гардијан.
Сепак, се наведува дека петте постојани членки би можеле да ги надминат разликите за да ги заштитат своите привилегии, бидејќи со отстуство на договор меѓу нив, би се препуштило на Генералното собрание на ОН да одлучи за новиот шеф.
Постојаните членки, пишува весникот, се вознемирени од транспарентноста што ја следи трката за наследник на Бан, бидејќи сметаат дека Генералното собрание доволно „се забавувало“ и дека сега треба да се затворат и да одлучат.






